Кевин Дурент за САД на ОИ: „Сакам да дојдеме таму и надмоќно да даваме по 50 поени од играч“

Големата суперѕвезда во НБА Кевин Дурент од Феникс Санс, во интересен разговор во еден подкаст вели дека силно посакува уште едно олимписко злато со репрезентацијата на Соединети Американски Држави.

Кевин Дурент дури три пати му се израдува на шампионскиот пехар во кошарка на Олимписки Игри од 2012-та до 2021-ва, а сега вели дека ќе игра и на ЛОИ во Париз летово од 26-ти јули до 11-ти август.

Најголем дел од НБА ѕвездите веќе на големо зборуваат за кошаркарскиот турнир и дека едвај чекаат да отидат на Олимписки Игри. Речиси сите ѕвезди од најсилната лига потврдија дека сакаат да настапат таму.

Најголема желба меѓу нив има Дурент.

„Сакам да освојам четврти златен медал на Олимписки игри. Сакам да имам вообичаена, некако нормална улога во тимот. Сакам да играм значаен број на минути. Спремен сум за тоа. Кога ќе отидеме таму сакам да им пратиме порака на сите колку сме доминантни! Да даваме сите по 40-50 поени, да им покажеме на сите“.

35-годишниот Дурент, роден во Вашингтон, во кариерата играше во Сиетл Суперсоникс/Оклахома Сити Тандер, во Голден Стејт Вориорс, во Бруклин Нетс и сега е во Феникс Санс. Има две шампионски титули во НБА во 2017 и 2018 со Вориорс, два пати беше избран за МВП на финалињата како најдобар играч, дури 14 пати настапи на Ол-Стар натпреварите каде 2 пати беше прогласуван за најдобар играч и доби МВП награда (2012, 2019).

Со репрезентацијата на САД има три олимписки злата (2012, 2016, 2020) и едно Светско злато (2010).

Вели дека уште не е заситен од играње за репрезентација. Напротив.

„Возбуден сум што ќе бидам дел од тоа братство. Ништо не може да се мери со тоа. Ги имате најголемите НБА ѕвезди во една екипа. Не една недела туку цело лето! Патувате по светот со најдобрите. Сакам да видам каде сум во однос на нив, каде ми е местото на тој врв. Тие тренинзи ве прават подобар играч. Леброн Џејмс ќе биде тука, можеби и Ленард, Ирвинг, Џорџ, некои нови момци како Едвардс, Тејтум...“

21 февруари 2024 - 14:24