Јокиќ и Денвер им возвратија на Шеј Гилџес-Александер и Оклахома

На неполни 48 часа по првиот меѓусебен дуел во „Пејком Центар“, Денвер Нагетс се одмазди за поразот и против истиот ривал славеше 140-127.

После поразот на првиот натпревар, сега на вториот на гости кај Оклахома Сити Тандер, Нагетс славеа предводени од Никола Јокиќ кој имаше 35 поени, 18 скока и осум асистенции. Србинот имаше висок процент од 75% прецизен шут од игра (15/20).

Џамал Мареј одигра одличен меч и уфрли 34 поени со четири скока и шест асистенции, Мајкл Портер Џуниор беше на висина на задачата и запиша 17 поени со шест скока, а двоцифрени беа уште и Расел Вестбрук со 16 поени, пет скока и седум асистенции и Пејтон Вотсон со 16 поени. Кристијан Браун придонесе со 14 постигнати поени и по пет асистенции и скока.

Кај поразениот лидер на Истокот кој има фантастичен учинок од 53 победи и 12 порази, Шеј Гилџес-Александер, конкурентот на Никола Јокиќ за МВП наградата кој на првиот нивен дуел пред некоја вечер постигна 40 поени, сега имаше 25 поени. Лу Дорт постави личен рекорд во НБА кариерата со 26 поени од кои осум тројки. Ајзеа Хартенштајн уфрли 20 поени кај Оклахома Сити Тандер.

Натпреварот беше неизвесен и во финишот на седум-осум минути пред крај драмата ја прекинаа Расел Вестбрук и Пејтон Вотсон со неколку тројки по ред.

Со овој триумф Јокиќ и Денвер Нагетс ја прекинаа серијата на Оклахома Сити Тандер од седум победи по ред.

Нагетс сега има 42 победи и 23 порази. Следниот натпревар Денвер го игра дома против Минесота Тимбервулвс.

11 март 2025 - 07:50