Ја видовте ли најбрзата тројка од како се мери во НБА?

Кошаркарот на Индијана Пејсерс, Бади Хилд запиша нов рекорд во НБА лигата откако го погоди најбрзиот шут за три поени во лигата! Хилд на мечот со Кливленд Кавалирс ја исфрли топката од рака после само три секунди по стартот.

Во четвртокот кон петок вечерта, Хилд погоди тројка во моментот кога на семафорот стоеше времето 11:57 од првата четвртина. Асистенцијата оди кај одличниот Мајлс Тарнер.

Интересно, според статистиката на ЕСПН, претходна најбрза тројка (11:53) исто постигнал кошаркар на Индијана Пејсерс, и тоа не било кој туку членот на Куќата на Славните Реџи Милер на меч против Голден Стејт на 5. март 2000-та година.

Најбрзите тројки во НБА се мерат од сезоната 1996/1997.

Пејсерс синоќа славеа 135-126 против Кавалирс, а јунакот на сторијава, Бади Хилд постигна 25 поени со 5/6 за три. Тој е најдобар тројкаш во моментов во погодени шутеви за три поени а влезе и во клупската историја на Индијана Пејсерс со 60 или повеќе тројки во календарски месец.

Ова бил негов четврти меч со најмалку четири постигнати тројки. Во просек сезонава Хилд уфрла по 17,9 поени, 4,7 скока, 2,6 асистенции по натпревар.

 

30 декември 2022 - 12:40