Каква е работата на скаутите кои бараат таленти

Исто кога ќе помине девојка на улица, или се вртиш или не

Секој скаут има свој начин на работа. Критериумите се горе-долу слични, но методите на пристап до бараниот талент се различни. Понекогаш работат буквално како шпиони и гледаат што пие и јаде и каде излегува младиот играч.

Неговиот имењак бил капитен на Лестер, тимот кој го промовирал во Премиер лигата во 1994. година, неговиот брат Мики играл за Порто во финалето на Купот на УЕФА 1984. година, а тој играл уште и за Морекомб, Чорли и Лејланд Моторс, пред да почне да работи како професор по физичко.
 
Него го викаат Стив Волш. Благодарение на него Лестер го доби страшниот тандем Варди-Марез за 1 милион и 375 илјади фунти. Сегашната вредност на двајцата ви е позната. Во осумдесетите години, Волш помагал во скаутирање (набљудување) на ривалите и играчите на Честер и Бери, а во 1990. година Гвин Вилијамс, главниот скаут и втор тренер на Челси го повикал Стив во стручниот штаб.
 
Во еден момент Волш работел и во матичниот клуб во родниот град Чорли, одел попладне на аеродром, летал до Лондон, ги скаутирал екипите и фудбалерите против кои ќе игра Челси, а во недела навечер се враќал дома и следното утро одел да предава физичко во школото.

Во втората половина на деведесетите години, Волш составил скаутски отчет за Џанфранко Ѕола и Торе-Андре Фло кои благодарение на него дошле во Челси а потоа постигнаа преку 150 голови за тимот од Стемфорд Бриџ. Во 2004. година, со доаѓањето на Мурињо, Волш го напуштил школото каде предавал физичко и добил полно работно време во Челси каде му помагал на Андре Виљаш-Боаш во проучувањето на противниците и потенцијалните дојденци како што биле Дидие Дрогба и Микаел Есиен.

Две години подоцна, Сем Алардајс (новиот селектор на Англија) го викнал Волш да биде главен скаут во Њукасл, но набрзо Алардајс добива отказ и за нов тренер е назначен Најџел Персон. Волш од Њукасл заминува во Лестер, па во Хал и на крајот повторно се враќа меѓу „Лисиците“.

Волш во Лестер се потпира на играчи кои имале застој во кариерата и немале многу простор во клубовите од врвот (Дринквотер, Симпсон, Хут) или оние за кои трансферот бил полесен (Олбрајтон, Варди) како и помалку познати таленти од сиромашните француски клубови каде Волш бил скаут уште од времето во Челси.

Во 2012. година, француските пријатели го советувале Волш да дојде да го гледа полушпицот Рајан Мендес од Капе Верде кој играл за Ле Авр. Волш како и обично почнал со видеата, а потоа дошол на „Стад Океан“ каде во око не му западнал Мендес, туку малиот Алжиерц Ријад Марез. 

Во втората француска лига, окото на Волш го забележало Н’Голо Канте, а пред една година го убедил новиот тренер на Лестер Клаудио Раниер со кој се знае од Челси дека 24-годишниот дефанзивец од средниот ред е идеален наследник на Естебан Камбијасо.

Од ова лето Волш стана фудбалски директор во Евертон.

Кога ги набљудува играчите, Стив Волш обрнува внимание не само на нивната брзина, бројот на добиени дуели и украдени топки, но и на издржливоста, брзината во одлучувањето и како играчот реагира при стресни ситуации - дали е тоа негова предност (настап во плејоф или опстанок или борба за Европа) или е маана.

За време на видео-анализата, Волш секогаш се фокусира на дуелите со лидерот на првенството против кој игра играчот кој го скаутира или на дерби натпревари. Ако играчот на тие средби одигра добро, Волш тогаш оди да го гледа од трибините за да ја процени стабилноста на фудбалерот.

Познатиот скаут на Баер Леверкузен, Славомир Чарницки во интервју за FourFourTwo ги открил своите критериуми: „За голманот е најважен растот, висината, агилноста и харизмата. Стоперот треба да е брз, да игра добро со глава и да има скокачки способности, храброст но и смиреност како и точен пас со добро позиционирање во казнениот простор. Бекот е важно да има добар центаршут, да има добар преглед на игра и физички да е поспремен од останатите. За играчите од средниот ред најважна е контролата на топката, дриблингот и завршното додавање. За крилата е важна брзината и центаршутот а за напаѓачите главни критериуми се брзина, дуел игра, дриблингот и финишинг.

Некогашниот главен скаут на Арсенал, Стив Роули кој е меѓу најзаслужните за бројните таленти кои стигнале на Хајбери и Емирати (на 11 години го нашол Тони Адамс) вели дека тој има строги критериуми:

„Покрај физичката сила, сигурното додавање и играчкиот интелект, важно ми е да видам како се однесува играчот кога ќе ја загуби топката, дали ќе трча по противникот или ќе се обидува да трчкара назад. Кога еден играч е млад тешко се гледа неговиот талент, за нив треба поискусни скаути. Повеќе сакам да гледам играч на гостување каде што ќе добијам повеќе информации за неговиот реален квалитет“, вели Роули за Arsenal Magazine.

Во првата половина на ’2000-те, скаут службата на Арсенал била една од најшироките во светот, но Роули не секогаш ги слушал советите на своите странски помошници. Во пролетта 1999. година не можел да спие доцна во ноќта, во три часот пуштил телевизија и ја загледал Коринтијанс - Палмеирас. Брзо го приметил левиот бек на Коринтијанс и заборавил на сонот.

Арсенал тогаш немал скаут во Бразил, така што Роули за првпат слушнал и го видел 25-годишниот бек. Внимателно го следел преносот а следното утро барал видео од Бразилецот, му го покажал на Венгер и неколку часа подоцна Арсен полетал кон Сао Пауло да го гледа во живо. Така „Топџиите“ го купија Силвињо кој пет години подоцна играше и за Барселона.

Скаутот на Интер во Јужна Америка, Пјерлуиџи Казираги на телевизија ги гледа противничките играчи: „Во многу земји како што се на пример Хрватска и Нигерија, пазарот е поделен меѓу агенти кои ги снимаат најуспешните акции на нивните клиенти и ги ставаат на ЈуТјуб. Но нема ништо подобро кога го гледаш играчот од трибините. На снимка ти можеш да видиш како се однесува со топка, но во живо што е поважно гледаш каков е без теопка. Најважен е првиот впечаток, првата емоција која ќе ја предизвика играчот. Тоа е како жена на улица - се вртите кон неа или не. На турнирите за млади играчи важен е почетокот, затоа што подоцна се уморни или повредени“, вели Казираги во интервју за AIPS Young Reporters на СП за играчи до 17 години.

Пред десет години, Казираги го гледал стоперот на бразилскиот Интернационал, Сиднеј, но внимание му привлекол Александре Пато. „Го купиле“ техниката и трчањето на Пато, па Казираги ја советувал управата да работи на трансферот, но агентот на Пато Жилмар Велоз поставил услов: Пато ќе оди во Интер, само ако другиот негов играч Емерсон стане играч на Реал. „Пато беше прескап - 35 милиони долари. Освен тоа го имавме Балотели“, се сеќава Казираги. Како резултат на тоа, условот на Велозо го прифатил Милан со кој Пато го освои Скудетото 2010/2011.

Уште еден италијански скаут, Андреа Карневале играл во Наполи со Марадона во 1987. година и со неговиот гол против Фиорентина, Наполитанците ја освоиле првата титула. Денес Карневале работи во една од најуспешните скаут служби во светот - Удинезе (како и во англискиот Вотфорд чиј сопственик е семејството Поцо),

„Ги следиме сите младински турнири во светот за играчи од 17 до 21 година. Нашите скаути се во Бразил, Аргентина, Чиле, Колумбија, Белгија, Шведска, Србија, Хрватска. Откриваме не само нови играчи, туку и нов пазар“, вели Карневале за Гардијан.

Еден од бисерите на Карневале бил 18-годишниот Чилеанец од Кордоба, Алексис Санечз. Него го купиле за три милиони евра, па го пратиле на позајмица во Коло-Коло и Ривер Плејт, а по една суперсезона во Серија А замина во Барселона за 26 милиони евра плус бонуси.

Друг претендент на Алексис Санчез бил Манчестер Сити. Тогашниот скаут на „Граѓаните“, а сега на Ливерпул, Бери Хантер го открил деталното досие за Санчез пред една година во FourFourTwo:

Датум: мај 2011. година

Место: Удине, северо-источна Италија

Мета: Алексис Санчез

15:00 Последен го напушти тренинг центарот и влезе во бел спортски автомобил Audi R8. Се шегуваше со вработените и беше добро расположен.

15:20 Излезе на улица во спортска опрема со два бели лабрадори и шеташе низ градот.

16:30 Игра тенис со пријателите. Заслужено победи.

17:50 Посети еден ресторан во центарот заедно со еден пријател. Нарача лигњи и салата. Пиеше минерална вода.

19:25 Нарача кафе без десерт а на излезот се сликаше и делеше автограми на навивачите.

20:15 Свири на пиано дома (мелодијата непозната)

21:30 Гаси светло, оди на спиење.

Три години подоцна, Алексис премина во Арсенал и во својот втор меч му даде гол на Манчестер Сити.