„Многу го изучувам Манчестер Сити. Учам многу од Пеп. Најдобар тренер е на кое било ниво и во кој било спорт. Има огромно влијание“, изјавил при првата средба со Гвардиола Џо Маѕула, тренерот на најдобрата екипа во регуларниот дел од НБА лигата и тим кој поведе со 1-0 во големото финале против Далас Маверикс.
Џо Маѕула, младиот 35-годишен тренер на Бостон Селтикс во пар наврати се сретнал со Пеп и размениле искуства од тренажниот процес и од целокупниот систем во нивните клубови.
При првата средба си размениле дресови. „При неговото доаѓање овде ми покажа што значи да се биде голем во спортот. Фантастично е што го имавме тука, да го запознаеме одблизу, да научиме нешто од него“, рекол Маѕула.
Joe Mazzulla is talking to Manchester City manager Pep Guardiola.
— Morey Hershgordon (@MHershgordon) June 5, 2024
Intimate conversation. Mazzulla has spoken about studying other sports and applying it to 🏀 pic.twitter.com/K92xtzCVL2
Маѕула не е прв од НБА кој го цитира и учи од Пеп и неговите методи. На времето и Клеј Томпсон повеќекратниот шампион со Голден Стејт Вориорс раскажа дека тренерот Стив Кер им ја покажувал Барселона на Пеп за да сфатат како да го користат просторот. „Ни покажа како да го ослободиме нашиот најдобар шутер, како Стеф Кари, преку механизми кои ги користеше Барселона на Гвардиола. Го викавме тики-така, пред некоја година“, рекол Томпсон.
Сега Пеп Гвардиола повторно им е на гости во Бостон каде во друштво со сопругата го следи финалето со Далас Маверикс. Првиот меч го добија Селтикс и поведоа 1-0.