Фантастичната Србија е во финале на Светско првенство, Канада разбиена

По феноменалната партија против Литванија во 1/4 финале, српските кошаркаши денеска уште пофуриозно ја совладаа Канада 95:86, уште еден најсериозен кандидат за медал. 

Во првото полуфинале на Мундобаскетот, попладнево Србија ја совлада Канада 95:86 и обезбеди пласман во големото финале каде ќе го чека подобриот од САД - Германија.

Со гранитна одбрана избраниците на Светислав Пешиќ ги сопреа НБА ѕвездите Шаи Гилџес-Александер, Дилон Брукс и Кајл-Александер. Уште од самиот старт на мечот српската селекција играше неверојатно во дефанзива и сигурно рутинерски во нападот.

Првиот период Србија го доби 23-15 благодарение на поените на Милутинов и Богдановиќ. Канада уште од старт влезе во проблем со прекршоците па тоа дополнително внесе нервоза кај Канаѓаните кои претходно „во расправа“ со судиите ја фрлија Словенија во 1/4 финале.

Во втората четвртина Србија го одржуваше водството, а фуриозната игра во напад го примора селекторот на Канада Жорди Гомез да бара тајм-аут.

Богдановиќ, Добриќ, Милутинов и Гудуриќ погодуваа од сите агли и Србите чија цел беше евентуален пласман на Олимписки Игри наеднаш се најдоа во ситуација да ја доминираат Канада која сите ја гледаа како нов светски шампион.

На полувреме 52-39 за Србија.

Во вториот дел екипата од Северна Америка тргна на се или ништо и се обиде преку лидерот на целиот Мундијал Шаи Гилџес-Александер да се врати резултатски. Ја добија Канаѓаните третата четвртина со 24:23 но тоа не ја размрда селекцијата на Србија која упорно играше беспрекорно дисциплинирана одбрана.

Последниот период беше пресликан како и тој пред него. Канада со брзи продори на Гилџес-Александер пробуваше да фати приклучок но секој обид им беше сопрен од ривалот кој играше во транс.

На крајот конени 95:86 и историски триумф на Србија за ново светско финале!

Бодан Богдановиќ повторно одигра генијален баскет, беше вистински лидер, капитен и најефикасен со 23 поени, додека веднаш зад него беа Никола Милутинов со 16 поени и 10 скока и Огњен Добриќ со 16 поени. Ар-Џек Берет со 23 поени беше прв стрелец кај Канада.

8 септември 2023 - 12:29