Кошаркарската публика носталгична по врвниот југословенски спорт веќе 25 години си го поставува прашањето: Ќе успееше ли Светскиот првак Југославија да го совлада страшниот американски Дрим тим на Олимписките игри во Барселона 92?
Одговорот во интервју за Недељник го дава легендарниот стратег Дуда Ивковиќ кој во тоа време беше селектор на Југославија.
„ЕСПН објави моја изјава во која верувам како репрезентацијата на Југославија би го победила тогашниот Дрим Тим. Ние бевме толку доминантна екипа така што до финале ќе стигневме лесно. Ќе направев таква програма со подготовки за на тој меч да бидеме далеку поспремни. Тогашниот Меџик Џонсон со ХИВ, Џордан и компанија не беа толку спремни“.
73 годишниот српски стратег кој веќе четири децении работи како тренер, тврди дека југословенската кошарка тогаш била најмодерна во свет.
„Кошарката сега е српски спорт, но не можеме да негираме кога Европа и цел свет ја признаваа и југословенската школа. Таа кошарка беше на ниво и ги имаше сите карактеристики на модерна кошарка. Многу луѓе не копираа во тоа време“.
Легендарниот Ивковиќ со кого Перо Антиќ во 2012-та стана Европски првак со Олимпијакос раскажа и една случка од 1979-та.
„На едно предавање во 2008-ма Американците не можеа да ми веруваат кога им зборував дека гледав Фајнлфор во колеџ лига во 1979-та. Во финале имаа Миџиген Стејт и Индијата, а најдобри играчи им беа Меџик Џонсон и Лери Бирд. Тогаш видов дека тренирам играчи со ист талент и потенцијал, но во тоа време во НБА не постоеше интерес за играчи од странство. Денеска многу повеќе знаат за најталентираните европски играчи“, вели Ивковиќ.
Југославија поради санкции од Обединетите нации не доби дозвола да учествува на ОИ во Барселона и затоа таа златна кошаркарска генерација не се проба со најсилниот дрим тим на САД.
Југославија под водство на Дуда Ивковиќ стана Светски првак во 1990-та, како и Европски во 1989-та, 1991-та и 1995-та.
На Мундијалот во Аргентина 1990, Југославија во полуфиналето го тресна САД со 99:91, а во финале беше подобра од СССР.
На тоа Светско Ивковиќ ги имаше: Владе Дивац, Дражен Петровиќ, Тони Кукоч, Жарко Паспаљ, Зоран Савиќ, Велимир Перасовиќ, Јуриј Здовц, Зоран Чутура, Жељко Обрадовиќ, Аријан Комазец, Радислав Чурчиќ и Зоран Јовановиќ.
САД ги освои Олимписките игри во Барселона со: Мајкл Џордан, Меџик Џонсон, Скоти Пипен, Џон Стоктон, Карл Мелоун, Лери Бирд, Чарлс Баркли, Патрик Јуинг, Кристијан Лејтнер, Дејвид Робинсон, Клајд Дрекслер и Крис Малин.