Дебелкото со кој никој не сакал да игра баскет, стана главна ѕвезда во НБА

Ден-денес се прераскажува анегдотата за тоа како најпознатиот кошаркарски менаџер во Европа, Мишко Ражнатовиќ го пронашол Никола Јокиќ.

Во ноќта на НБА драфтот во 2014-та година, тогаш 19-годишниот Никола Јокиќ спиел како топ во својот дом во Сомбор. Брат му Немања му се јавил и го разбудил сред ноќ:

„Драфтуван си во НБА, како можеш да спиеш сега бе?“, го прашал Немања додека отворал шампањско.

Таа ноќ била најголема во животот на Никола, а тој решил да отспие.

Додека му дошол редот веќе било пет сабајле по Средно-европско време, па фактот дека Никола не чекал да види кој ќе го одбере и каде ќе ја продолжи НБА кариерата и спиел, доволно зборува за крајно симпатичниот флегматичен карактер на 25-годишниот Србин.

НАБРЗО СТАНА СВЕТСКА ЅВЕЗДА

Шест години по фамозната ноќ кога го избраа на драфт, Никола Јокиќ е биран на многу листи за најдобри НБА играчи.

Во само пет години стигна до 10. место на вечната листа кошаркари со најмногу трипл-дабл учиноци (Никола Јокиќ има 41 досега). Два пати по ред е биран за Ол-Стар меч, а минатата година се најде и во најдобрата петорка на сезоната како водечки центар во лигата.

Во годинешниов плејоф Никола Јокиќ игра на уште повисоко ниво. На 13 меча во плејофот во просек има по 26,1 поен, дури шест повеќе отколку што имаше во регуларниот дел сезонава и минатата.

Светот за него зборува по синоќешната блескава партија против ЛА Клиперс кога го водеше неговиот Денвер Нагетс од -19 до пресврт и триумф со +13 на крајот.

„Можеби звучи лудо, но на теренот ние воопшто не размислуваме колку губиме. Играме и лудо се забавуваме“, точно ја отслика целата плејоф авантура на Денвер Србинот.

Досега сезонава два пати во плејофот надоместуваа негатива од 15 поени, еднаш против Клиперс се вратија од -16, а синоќа од -19. Тотално луд епилог. Сега во серијата е 3:3 и ќе се игра мајсторка.

СЕКОЈ МЕЧ ГО ИГРА КАКО ПАРТИЈА БАСКЕТ ВО СРБИЈА

Со изјавата за забава, Јокиќ уште еднаш потврди дека уште од мал сака само да се журка на паркетот.

„Секој натпревар го доживувам како партија баскет дома во Србија“, рекол Никола пред неколку години.

Ова чуди ако се знае дека има 5-годишен договор астрономски вреден 147,7 милиони долари!

Како мал многу сакал коњски трки, традиционален спорт во неговиот Сомбор. „Кога имав 12 или 13 години, татко ми еднаш ме однесе на трки и ми се допаднаа. Се вљубив во коњите и уживам да бидам со нив, неверојатни се“, рекол Јокиќ за Bleacher Report.

Во Сомбор имал неколку коњи на неговата ергела, а најомилен и прв кој го добил бил Dream Catcher. Денес Јокиќ е тој којшто го живее сонот, оној американскиот.

Интересно кога имал 14 години и кога се сликал за пасош, изгледал на право дебелко дете кое поради дебелината го закачаат во школо.

Во Србија пред неколку години фамозна стана негова стара објава на Фејсбук од 2011-та година во која прашува: „Сака ли некој на баскет“. Не добил ни лајк, ни коментар. Никој не сакал да игра со него.

Во средно школо пораснал до центарска висина која му овозможила со кошарка да се занимава и професионално. Во само 2 години од играч на Мега (клуб чиј сопственик е гореспоменатиот менаџер Мишко Ражнатовиќ) до кошаркар биран на НБА драфт.

Мишко еднаш раскажал дека секое утро додека пиел кафе во локалниот кафич, имал обичај да земе „Спортски журнал“ и да чита за пониските лиги и младински категории.

„Во око ми западна некој Јокиќ кој кога и да отворам имаше по 30 дадени поени и 10-ина скока“, рекол Ражнатовиќ кој се решил да го пронајде тој млад талент.

Габаритен, прилично тромав, ама со рака како памук, Јокиќ денес важи за најдобар играч на Денвер Нагетс и еден од најдобрите во лигата.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Nikola Jokic, off the contact! #NBAPlayoffs on ESPN.

A post shared by • #WholeNewGame • (@nba) on

Во полуфиналето на Западната конференција, ЛА Клиперс можеа да го докрајчат Денвер, имаа 3-1, но Нагетси се вратија на 3-3 и сега притисокот е кај тимот од Лос Анџелес, до пред некој ден голем фаворит за титулата.

Via 

14 септември 2020 - 15:38