Брилијантниот Едвардс го разби Денвер, шампионот немоќен на стартот

Кошаркарите на Минесота Тимбервулвс уште еднаш покажаа дека се во страшна форма откако на гости го урнаа Денвер Нагетс 106:99 и остварија триумф на гостински терен во првиот меч од полуфиналната серија на Западот.

Минесота Тимбервулвс уште во регуларниот дел од сезоната покажа дека е многу сериозен тим кој може да победи секого и секаде.

Тоа го докажаа и во директен дуел со Денвер Нагетс во првата средба од нивната полуфинална серија.

Неверојатниот Ентони Едвардс уфрли 43 поени што е рекорд на неговата плејоф кариера, со седум скока и три асистенции, а неговиот партнер со кого блескаат цела сезона Карл-Ентони Таунс додаде 20 поени. Наз Рид имаше 16 поени од кои дури 14 во последниот период кога го скршија Денвер.

Денвер Нагетс, како и во дуелите со ЛА Лејкерс, не беше на потребното ниво и доколку сака да направи некаков пресврт ќе мора да ја подигне формата.

Никола Јокиќ уфрли 32 поени со осум скока и девет асистенции но изгуби седум топки. Од игра Србинот уфрли 11/25. Џамал Мареј запиша 17 поени (6/14 од игра) а Портер стигна до 20 поени со 6/13 од игра.

Следниот дуел се игра ноќта меѓу понеделник и вторник.

5 мај 2024 - 08:49