Лидерот на Селтикс Џејсон Тејтум го предводеше тимот со страшна партија со 31 поен и 11 асистенци и осум скока. Одлична поддршка имаше од неговиот ортак Џејлен Браун со кого разбиваат цела сезона по сите НБА паркети. Браун уфрли 21 поен со шест асистенции и беше прогласен за МВП на финалето со оглед на сите претходни маестрални партии во серијата.
Кај Далас очекувано број 1 Лука Дончиќ со 28 поени, 12 скока и пет асистенции. Кајри Ирвинг кој беше дел од Бостон од 2017 до 2019 беше сопрен на 15 поени (очајни 5/16 од игра), а имаше и девет асистенции.
Бостон водеше од почеток до крајот на мечот а гостите од Тексас само во пар моменти од првата четвртина беа во резултатски егал. Од старт на вториот период Бостон ја зголемуваше и чуваше разликата која во еден момент отиде и на +26 поени (106:80).
Селтикс го започнаа финалето со страшна серија од 3-0 во победи и тука веќе беше јасно кој ќе биде првак на крајот затоа што никогаш во историјата на НБА откако се игра до седум победи ниту една екипа не направила пресврт од 0-3.
Бостон претходно беше најдобра екипа и во регуларниот дел со страшен скор од 61 победа и само 18 порази. Во плејофот по ред ги нокаутираа Мајами Хит (4-1), Кливленд Кавалирс (4-1), Индијана Пејсерс (4-0) и Далас Маверикс (4-1).
Ова е 18-та титула за Селтикс во историјата со што повторно се одвоија од ЛА Лејкерс кои имаат 17 шампионски титули. Бостон своите 18 ги освојувал во: 1957, 1959-66, 1968-69, 1974, 1976, 1981, 1984, 1986, 2008 и 2024. Голден Стејт е трет со 7 шампионски пехари.