После поразот од Естонија во Скопје, македонските кошаркари се кренаа и го победија неодамнешниот учесник на Европско првенство, селекцијата на Полска.
Со добра одбрана и одличен напад, предводени од неверојатниот Ненад Димитријевиќ македонските кошаркари држеа час по кошарка.
Покрај ѕвездата на руски Уникс Казан, одлични ролји одиграа уште и Итан Хап и Дамјан Стојановски. Уште од самиот старт на мечот Македонија покажа дека е дојдена во Полска да ги освои бодовите.
На паузата се замина со убедливи 38:47 за црвено-жолтите момчиња кои во вториот дел уште повеќе ја кренаа разликата.
И покрај тоа што во последниот дел Војдан Стојановски остана на клупата поради повредата со која и влезе во овој меч, Македонија рутински го приведе натпреварот кон крај.
На семафорот на крајот стоеше 71:96 што е една од најубедливите победи на Македонија на гостински паркет во историјата.
Најефикасен и играч на натпреварот беше Ненад Димитријевиќ со неверојатен учинок од 32 поени, осум скока и осум асистенции. Итан Хап додаде уште 19 поени со 7 скока а Стојан Ѓуровски имаше исто фантастична вечер со 17 поени.
Кај Полјаците Михал Михалак беше прв стрелец со 20 поени.
Македонија го затвори ФИБА-прозорецот со еден пораз и една победа и ги одржа шансите за пласман на Европското следната година. Македонските репрезентативци во следниот прозор кој се игра дури во ноември годинава, ги чека двомеч со светската велесила Литванија, дома и на гости.