Кошаркарите на Америка, предводени од легендарниот Грег Поповиќ го одиграа и вториот меч од подготовките за Мундијалот кој на 31 август започнува во Кина.
Мечот се одигра на стадионот „Марвел“ на кој обично се игра фудбал или крикет, а го проследија 51.000 гледачи. Американците славеа со 102:86 и ова е втора победа за нив во подготвителниот период, откако ја победија Шпанија во Анахајм со 90:81.
„Се чувствував како на филм. Се изгледаше како филмски сет. Цело време гледав позади себе зошто мислев дека во секој момент ќе паднам од бината. Им кажав на моите соработници дека не знам кој ѓавол се случува тука. Многу чудна ситуација за тренер“, изјави Поповиќ после мечот.
Плејмејкерот на Бостон Кемба Вокер беше прв стрелец кај Американците со 23 поени. Добра партија одиграа и Мичел со 13 поени, Тејтум со 11 и Браун со 11 поени. Кај Австралијците Пети Мајлс и Крис Гулдинг постигнаа по 19 поени.
Интересно, американските медиуми пишуваат дека некои навивачи на Австралија си ги барале парите назад, затоа што на промотивниот материјал за мечот пишувало дека Стефон Кари и Леброн Џејмс ќе играат во Мелбурн.
Донован Мичел се појави на паркетот со патики на кои пишуваше „End gun violence“ во знак на сеќавање на жртвите од масовните престрелки во Ел Пасо и Дејтон. 22-годишниот кошаркар во октомври минатата на мечот против Хјустон Рокетс на патиките го имаше испишано името на Лорен Мекласки, студентка која фатално била застрелана од поранешен дечко таа недела.
До почетокот на Мундијалот, Америка ја чекаат уште две пријателски, против Австралија на исто место во сабота наутро и против Канада на 26 август во Сиднеј.
Американците на Светското ќе бидат во група со Чешка, Турција и Јапонија, а Австралија со Литванија, Канада и Сенегал.