46 поени на Јокиќ во одмаздата за Сан Антонио

Во само 24 часа Денвер Нагетс и Сан Антонио Спарс одиграа два натпревари во НБА лигата. Спарси прво славеа во меч во кој Никола Јокиќ и покрај тоа што беше најефикасен поединец на крајот изгуби топка при што примија клучни поени за поразот на првиот меч. Сега им се одмазди со нова сјајна партија.

Откако им уфрли 56 поени на Вашингтон Визардс и 48 на Атланта Хокс на средината од минатиот месец, српскиот репрезентативец синоќа имаше нова симултанка.

Денвер Нагетс го совлада Сан Антонио Спарс 122:111 и им се реваншираше на Тексашаните за поразот од пред еден ден 110:113.

Никола Јокиќ овојпат беше подобар од Виктор Вембенјама, чудесниот Французин кој го прослави 21-от роденден. Лидерот на Денвер Нагетс во продолженијата постигна 9 од 14 поени на својот тим а Вембенјама ниту еден поен па победникот беше решен.

Необично Никола и овојпат многу лесно можеше повторно да биде трагичар затоа што промаши важно слободно фрлање во самата завршница кога можеше да го однесе Денвер Нагетс на +3, а Васел тоа го искористи и поентираше на спротивната страна за 108:108 на 14 секунди пред крајот.

Јокиќ на крајот имаше 46 поени, 10 асистенции и 9 скока. За само еден скок му изостана трипл-дабл учинок. Мајкл Портер Џуниор уфрли 28 поени а Џамал Мареј 13. Кај Спарс Виктор Вембенјама го заврши натпреварот со 20 поени и 23 скока, Харисон Барнс имаше 22 поени а Девин Васел стигна до 19 поени. Следниот натпревар на Нагетс е против актуелниот НБА шампион Бостон Селтикс.

5 јануари 2025 - 08:25