Шалке 04 бил омилен клуб на Хитлер и ден-денес прави сè да го обели образот

Тешки времиња носат и тешко бреме, па така омилениот клуб на рударите од градот со најмногу јаглен во Германија, морал да помине низ најмачниот период во историјата на земјата.

Петнаесет месеци откако Хитлер ја заземал Австрија, сите тамошни клубови играле во првенството на Германија. На 18 јуни 1929 година, на „Олимпискиот стадион“ во Берлин пред 100.000 гледачи Шалке 04 играл во финалето на германското првенство против Адмира од Виена.

Во тој период фудбалот бил поделен во 18 регионални шампионати, а победниците на секој регион играле меѓу себе за на крај да се добие шампионот на Германија. После групната фаза се играл плејоф.

Шалке и Адмира поминале тежок пат до финалето, иако Шалке бил далеку, далеку поквалитетен тим. Клубот од Гелзенкирхен на Адмира и дал дури 9 гола од кои 5 постигнал Ернст Калвицки.

До почетокот на Втората Светска војна и упадот во Полска на нацистите останале уште 74 дена.

На крајот од ’30-те години нацистичката пропаганда во Германија и во окупираните територии била тотална, па така ни фудбалот не бил исклучок. На дресовите на двајца играчи на Шалке за време на финалето со Адмира Виена стоел Reichsadler (нацистичкиот грб со орел кој држи кукаст крст).

„Рударите“ освоиле шест од седум шампионски титули од 1933 до 1945 година, а во текот на 11 сезони не изгубиле ниту еден домашен меч во регионот Вестфален и претрпеле само 6 порази на гости.

Прашањето кое неизбежно се поставува е зошто само двајца фудбалери носеле Reichsadler (рејсхалдер), а останатите не?

Во тој период Шалке имал препознатлива игра на кратки додавања, нешто како предвесник на шпанската тики-така. Овој стил бил познат и како "Schalker Kreisel" („Вртелешката на Шалке“) и бил револуционерен во фудбалски конзервативна Германија.

Сините доминирале цела деценија, а најзаслужни за оваа победничка серија биле Ханс и Фред Балман, браќа кои растеле во Англија каде пребегнале со родителите на неколку години пред Првата светска војна, но во 1920-те ги депортирале назад во Германија.

Се сместиле во Гелзенкирхен, во Рурската област, базата на јаглен во земјата каде неколку ентузијасти во 1904 година го основале клубот Шалке. Клубот го добил името од еден од квартовите во градот.

Еден од фудбалерите, Фред Куне, кој ги запознал браќата Балман во Британија кога го фатиле како воен плен за време на војените дејствија, по враќањето во татковината, им предложил на Балман да дојдат во Шалке.

Клубот во почетоците бил далеку од големи победи и златни пехари, ама брзо стигнале до втората лига во Рурска област. Ханс и Фред Балман многу скоро ја смениле ситуацијата, ги научиле соиграчите на игра со многу додавања.

„Тие ни покажаа како се прават ножички, како се прави дриблинг ’бисиклет’, ние претходно ништо такви немавме видено“, рекол легендарниот шпиц на Шалке Ернст Куцора.

На крајот од ’20-те години Шалке станал тим на градот Гелзенкирхен, играчите го добиле статусот на локални херои, а многуфудбалери биле рудари. Веќе во 1929 година по 40.000 гледачи доаѓале да ги гледаат натпреварите на својот тим. Таа година Шалке ја освоил титулата во регионот Вестфален и стигнал до четвртфиналето на германскиот шампионат.

Првата шампионска титула Шалке ја освоил во 1934 година кога во финалето го победиле Нирнберг со 2:1 со головите на тандемот Ернст Куцора - Фриц Шепан, главни ѕвезди на Шалке тие години. Двајцата постигнале повеќе од 450 голови и играле за репрезентацијата на Германија. Фриц Шепан дури 30 пати бил капитен на државниот тим.

Но набрзо и двајцата, како и милиони други сограѓани станале дел од политичкиот режим кој завладеал со земјата.

Најуспешната епоха во историјата на Шалке асоцира на години на насилство, тоталитаризам, неправедност во тоа време во цела Германија. Под водство на Шепан и Куцора, „сино-белите“ секоја година влегувале во финалето на Купот на Германија и освоиле уште пет шампионски титули.

На крајот од ХХ век, 50 години после капитулацијата на фашистичка Германија, врските на Шалке со нацистичкиот режим се уште остануваат една од најмистериозните теми во историјата на германскиот фудбал. Шалке и неговите навивачи со години не откриваат ништо од тогашните архиви, а ривалските навивачи неретко им скандираат „нацистички клуб“.

Во 2001 година управата на Шалке решила да ја преименува улицата до новата тогаш изградена „АуфШалке Арена“ во чест на легендарниот напаѓач Фриц Шепан.

Благодарение на новинарските копања, јавно станале достапни документи кои докажувале дека напаѓачот бил член на Национал-социјалистичката партија на Германија и активно го поддржувал фирерот во намерата за „аријанизација“ на земјата.

Шепан купил и еврејски дуќан чии сопственици Сали Мајер и Џули Лихтман биле протерани од земјата и затворени во Рига.

Како реакција на овие обвинувања, Шалке одбил да ја преименува улицата и решил да спонзорира сеопфатна студија за врските на управата на клубот на времето со нацистичкиот режим - прв ваков чекор од еден германски клуб.

Еден од главните кои го водел ова истражување бил социологот Штефан Гох кој напишал фантастични книги од кои најпозната е „Меѓу синото и белото има сиво“. 

ШАЛКЕ БИЛ ЛИБЕРАЛЕН И СЛОБОДУМЕН КЛУБ ПРЕД ДА ДОЈДАТ НАЦИСТИТЕ

До доаѓањето на власт на Адолф Хитлер, Шалке важел за клуб кој нема допирни точки со политика и каде секој имал право на свое мислење. Клубот бил сакан од рударите и од целиот град. Кој било играч, навивач или човек од управата можел да биде симпатизер на која било партија.

Кога дошол нацистичкиот режим, неколку членови на управата се зачлениле во партијата на Хитлер, а се зачлениле и тројца фудбалери: стоперот Ханр Борнеман и познатиот тандем Шепан-Куцора.

Фриц Шепан бил најпознат поддржувач на нацистите. Тој јавно го фалел режимот и неговиот лидер.

„Ние сме должни да му бидеме верни на фирерот за се што направи за нас. Сега е наш ред да му се оддолжиме“. „Германските фудбалери се сплотија благодарение на фирерот“. „Германија ќе живее, а ние ќе се бориме за неа“, се само дел од фразите на Шепан.

За време на денацификација после војната и покрај срамниот откуп за малку пари на голем простор од затворени Евреи, Шепан бил оправдан и доживеал до 67 години. Бил светски шампион како помошен тренер на селекторот на репрезентацијата на Германија Зеп Хербергер.

Од друга страна, Ернст Куцора иако потпишал пристапница во партијата на Хитлер, тој бил исклучен од репрезентацијата на Германија после конфликт со селекторот Ото Нерц кој бил поддржувач на режимот. Ернст се обиделе да го убедат јавно да ги поддржува нацистите, но тој одбивал. После војната целосно го оправдале.

Во Шалке со голема радост ги добиле овие резултати од студијата на професор Гох. Канцелариите на клубот сега се наоѓаа на адрса Ernst-Kuzorra-Weg 1.

Самиот Куцора во една прилика рекол:

„Ние сакавме само да играме фудбал. Политиката и религијата ништо не ни значеа“.

Оваа изјава е спорна затоа што Куцора и неговиот другар од нападот се зачлениле во Национал-социјалистичката партија на Хитлер без оглед на тоа што многу нивни современици одбиле каква било вмешаност во политика.

****

Кога дошол Хитлер на власт, Шалке ги избркал сите Евреи од клубот и бил лојален на Третиот Рајх. Во 1934 година кога ја освоиле титулата, еден весник ставил наслов „Германски трофеј во рацете на Полјаци“ поради неколкуте фудбалери со полско потекло во клубот. Овој наслов ја разбеснил власта, па клубот морал да напише отворено писмо кое го потпишале 13 играчи:

„Нашите родители се родени во Германија. Ние не сме полски емигранти, туку германци и горди сме на тоа“.

Историчарот Нилс Хавеман спровел детално истражување на германскиот фудбал за време на нацизмот и напишал книга „Фудбал под свастика“. Тој утврдил дека во тоа мрачно време четири клуба можеле да се викаат ударни тимови на нацизмот - Вердер Бремен, Штутгарт, Минхен 1860 кој од самиот почеток му пружал целосна поддршка на Хитлер и за тоа добивал солидна финансиска поддршка, како и Шалке. 

16 септември 2019 - 12:18