Зошто ФИФА правно не ги суспендира Израел и Палестина како Русија?

ФИФА и УЕФА се невообичаено мирни и тивки во однос на палестинско-израелскиот воен конфликт, дијаметрално спротивно во однос на руско-украинскиот воен конфликт.

СУСПЕНЗИЈАТА НА РУСИЈА БЕШЕ ОБЈАСНЕТА СО НЕСИГУРНОСТ

По избивањето на војната меѓу Руска Федерација и Украина, двете најголеми кровни фудбалски федерации на светот, ФИФА и УЕФА, бескомпромисно зајаваа на бранот на сеопштата хистерија и решија да ги суспендираат сите возрасни селекции на руската фудбалска репрезентација.

Руската фудбалска федерација се жалеше во Арбитражниот суд за спорт (CAS) во Лозана. Одлуката на ФИФА за исфрлање на сите руски селекции од натпреварувањата беше објаснета со небезбедност за руските спортисти иако ова не е формално дисциплинарна санкција.

ФИФА дури и во својата одлука го навела случајот со рускиот амбасадор во Полска кој во Варшава на еден собир беше полеан со канти масна црвена боја. Каква врска има тоа со фудбалот знаат само во ФИФА.

Правниот тим на руската фудбалска федерација се обидел да им објасни на ФИФА и УЕФА дека и покрај тоа што воените операции се во тек, истовремено територијата на Русија е безбедна затоа што ништо не прелетува, ниту еден фудбалски натпревар не е одложен, првенството си продолжува, странските играчи доаѓаат и се е нормално.

Правниците на крајот и кога се согласиле дека и во случај да е опасно и небезебдно да се игра во Русија, предложиле нивната репрезентација и клубови да играат на неутрален терен: во Турција, во Казахстан, во Србија, таму каде може да се играат квалификации за Светско и еврокупови.

Од ФИФА им одговориле дека исто и таму ќе биде небезбедно за учесниците затоа што наводно украинските навивачи би можеле да направат провокација а ФИФА и УЕФА не сакале да сносат одговорност за тоа.

Од тие причини на Спортскиот арбитражен суд во Лозана ја одбиле жалбата на Русија.

Без Лига на шампиони, Лига Европа и Лига на конференции останаа неколку големи руски клубови кои до 24 февруари 2022-ра беа редовни учесници на еврокуповите а Зенит и ЦСКА Москва еднаш дури и освоија пехар во Купот на УЕФА.

Јасно беше дека на одлуките на ФИФА и УЕФА многу силно влијаеше притисокот од некои други фудбалски федерации (меѓу најгласните беа англиската, шведската, полската и од балтичките земји). Дури и кога ФИФА се обиде да ја спушти топката и да проба да и дозволи на руската фудбалска репрезентација до 17 години (У-17) да настапува на турнирите и тоа без знаме, грб и химна, голема врева кренале горенаведените фудбалски федерации и идејата била тргната на страна.

ФИФА како да сфатила дека евентуално учество на Русија во баражот за Светско 2022 во Катар за кој се изборија на терен би можело да значи и губење спонзори, значајни приходи итн. решиле да одат по линија на помал отпор.

И ПАЛЕСТИНА И ИЗРАЕЛ ИГРААТ ФУДБАЛ И ПОКРАЈ ВОЕНИОТ КОНФЛИКТ, ФИФА И УЕФА НЕ ГИ СУСПЕНДИРАА

Неколку израелски фудбалски и кошаркарски клубови по мала неколкудневна пауза, нормално си ги продолжија своите настапи во Лига Европа, Лига Конференции, кошаркарска Евролига. Пример Макаби Хаифа го пречека шпански Виљареал на Кипар, а Макаби Тел Авив ја победи украинска Зорја Луханск во српскиот град Бачка Паланка на стадионот на ТСЦ.

Зарем не е загрозена безбедноста на израелските спортисти кога патуваат во други земји, особено ако се знае дека има опасност од терористички напади?

Кошаркарскиот клуб ЦСКА Москва, еден од најтрофејните европски гиганти, немилосрдно беше исфрлен од кошаркарската Евролига по ист основ - небезбедност за нивните играчи да играат на неутрален терен.

Притоа во октомври месец во Валенсија израелски Макаби Тел Авива играше против шпанскиот клуб. Во градот се донеле невидени мерки дотогаш: околу 700 полицајци го обезбедувале просторот околу и во салата, во самиот град, имало хеликоптерски прелети, кучиња за претрага и слично.

Се испостави дека кога се сака, може да се организира меч дури и на неутрален терен, кога безбедносниот ризик е исто голем а воениот конфликт дури и пожесток.

ИСТО И СО ПАЛЕСТИНА

Палестина е членка на ФИФА од 1998-ма година. И покрај тоа што се неформални соседи, Израел комотно е во европската фудбалска конфедерација (УЕФА) а Палестина е член на азиската конфедерација (АФК). Прва новост по избивање на конфликтот е дека Палестинците ќе играат фудбал во Алжир (во северна Африка).

Подоцна ФИФА и АФК соопштиле дека не и дозволуваат на Палестина да игра во Алжир што било иницијатива на Палестинците. Им предложиле да играат на неутрален терен во азиска конфедерација и на крај решиле домашниот натпревар од квалификации за Светско првенство 2026 со Австралија да го играат во Кувајт.

НА СТРАНЦИТЕ ВО УКРАИНА И РУСИЈА ИМ ОВОЗМОЖИЈА СЛОБОДЕН РАСКИН НА ДОГОВОРИ А КАКО Е ВО ИЗРАЕЛ?

ФИФА и УЕФА направија невиден преседан па по избивање на воениот конфликт меѓу Русија и Украина, решија да им дозволат на сите странски фудбалери во овие две земји слободно да го раскинат договорот на штета на клубот и да си заминат од „подрачјата погодени со војна“.

Најпогоден од ова беше украински Шахтор Доњецк кој дури и ја тужеше ФИФА во Лозана поради тоа што поради предвремен раскин со голем број странски фудбалери претрпеле огромна штета мерлива до стотици милиони евра.

По почетокот на војната меѓу Израел и Палестина, ФИФА не донесе слична одлука за странските фудбалери на територија на овие земји иако имало играчи кои отворено изјавувле дека се плашат за својот живот.

Без никаква споредба на тежината и размерите на жестината на овие два судири, едноставно кога ќе се погледне однесувањето на ФИФА и УЕФА, се гледа дека овие организации ги носат своите одлуки во зависност од политичката ситуација и притисоците и дека се недоследни.

1 декември 2023 - 13:08