Зошто Бане е меѓу најомилените играчи во кариерата на Мурињо

Кога дошол во Локомотив Москва, Ивановиќ бил само уште еден непознат легионер во руското првенство. Месецов се врати во Русија како играч кој освои Лига на шампиони, Лига Европа, ФА Куп, Лига Куп и Премиер лига.

По фамозното полуфинале од Лига Купот против Ливерпул во јануари 2015, Мурињо беше восхитен од Бранислав Ивановиќ и изјави:

„Копачките на Ивановиќ мора да се стават на штанд во фоајето на нашата младинска академија, за јуниорите да видат колку крв има на нив. Ние не можеме таму да ги изложиме неговите нозе кои се цели со модрици и рани, но белите копачки со крв на нив треба да станат светол пример како треба да се игра“.

Победничкиот гол на Бане (32) го внесе Челси во финалето а таму му оддолеаа на Тотенхем и за првпат од 2007. година Челси го освои трофејот од Лига Купот. Во сезоната 2014/15 „Сините“ станаа шампиони во Премиер лигата, а Ивановиќ беше избран во тимот на годината.

МЛАДИОТ СРЕМЕЦ ВО СТУДЕНАТА МОСКВА

Првиот излет на Бранислав Ивановиќ во Руската лига бил во 2006 година. Иницијатор на трансферот од ОФК Белград за 1 милион евра бил Славољуб Муслин, тогаш тренер на Локомотив Москва а сега селектор на Србија.

До 15 години во родниот Срем Бане играл напаѓач, во Москва дошол на 22 години како стопер од ОФК Београд, а од Локомотив заминал како десен бек.

За две години во Русија, Ивановиќ го привлекол вниманието на скаутите од Европа. Со неговиот победнички гол во дербито со ЦСКА Москва, Локомотив ја продолжил непобедливата серија од 18 меча и првенството го завршиле како трети.

Но следната година финансиска криза го зафатила клубот, ’црвено-зелените’ завршиле седмо место, но успеале да го освојат Купот на Русија - прв трофеј во кариерата на Србинот. Во јануари 2008-ма се пресели во Англија а Локомотив за него добил 12 милиони евра.

ТЕЖОК ПОЧЕТОК ВО ДОЖДЛИВАТА АНГЛИЈА

Првите осум месеци во Англија, Ивановиќ ги нарекол најтежок период во кариерата. Дефанзивецот без многу тренинзи дебитираше за Челси во септември 2008-ма и му беше тешко да се адаптира на новиот фудбал.

Но веќе на пролет се ослободи од притисокот, му даде два ефектни гола на Ливерпул во Лигата на шампионите и им помогна на ’Сините’ да го освојат ФА Купот.

Веќе следната 2009/2010 Бане беше стандарден првотимец а Челси ја освои двојната круна. Во сезоната 2011/2010 Лондонците ја освоија и Лигата на шампионите, а Бане жалеше што го пропушти финалето против Баерн поради дисквалификација. Но ја прослави титулата со соиграчите.

„Во нашиот хотел во Минхен на последниот спрат имаше базен а ние таму игравме одбојка во вода до сабајле“, се сеќава Бане на вечерта пред најголемиот трофеј во неговата кариера.

Судбината му се врати после една година кога Бранислав стана херој во Лига Европа: Во 93’ минута против Бенфика даде гол за триумф и пехар во ова вредно натпреварување. За Челси одигра 261 меч и постигна 21 гол.

Еден од моментите по кои ќе ја паметиме неговата кариера во Челси беше инцидентот на мечот со Ливерпул во 2013-та кога Луис Суарез го гризна. Поради тој инцидент, Уругваецот доби 10 меча пауза а Бане после една година го повтори тоа што го направи Суарез и на мечот со Евертон го гризна Џејмс Макарти на грбот. Имаше среќа што помина без казна.

После неверојатните години на „Стемфорд Бриџ“, Ивановиќ сезонава беше жртва на тактичкото постројување на Антонио Конте и реши да го напушти Челси. Поптиша 2,5-годишен договор со Зенит според кој ќе заработува 5 милиони евра годишно, а на промоцијата во Санкт Петерсбург изјави:

„Не размислував многу околу понудата на Зенит. Многу сакав да се вратам во Русија. Се чувствувам многу мотивиран и сакам да продолжам да играм на високо ниво. Мило ми е што се успешно се заврши“.

За девет години во Лондон, Бане ги освои сите англиски и европски трофеи.