Водителка на настанот беше Мексиканката Ванеса Хупенкотен а ждрепката ја влечеше легендарниот капитен на Шпанија Фернандо Јеро кој ги извлече:
Северна Ирска - Швајцарија
Хрватска - Грција
Данска - Република Ирска
Шведска - Италија
Натпреварите од плејофот ќе бидат на програмата од 9. до 14. ноември.
Откако во понеделникот ФИФА ја објави ранг-листата, Северна Ирска поради последните два порази во групата падна место подолу и не успеа да биде меѓу носителите на денешната ждрепка. Нејзиното место го зема Данска која успеа да ги избегне фаворитите Швајцарија, Италија и Хрватска. Северно-Ирците 32 години чекаат на Мундијал.
На Мундијалот во Русија досега се пласираа 23 од 32 репрезентации а извлекувањето на групите ќе биде на официјалната церемонија на 1. декември.
Во однос на шеширите со репрезентации пред ждрепката на групите за Мундијалот, Европа има дури шест селекции во првиот шешир (не можат да паднат меѓу себе): Русија, Германија, Бразил, Португалија, Аргентина, Белгија, Полска и Франција. Сево ова беше предизвикано од Јужна Америка каде Чиле не успеа да обезбеди пласман на Светското.
Необично е и што после долги години, Шпанија е во вториот шешир. И покрај беспрекорните квалификации Шпанците го плаќаат цехот на слабите настапи на последните две големи првенства. „Црвената фурија“ на последната ранг листа напредуваше од 11. на 8. место но тоа не беше доволно да биде носител.
Реакции по ждрепката:
Италија:
„Судбината одлучи така. Од моја гледна точка можевме да поминеме подобро. Но ние сме Италија, со традиција која значи дека не се плашиме од никој. Сигурно дека имаме тежок протвиник. Шведска успеа да надмине една силна група, ја победи Франција и ја елиминираше Холандија. Се надеваме дека повредените играчи ќе се опорават. На последните неколку меча барем 4-5 важни играчи имаа физички проблеми. Јасно е дека сите ќе треба да бидеме на висина на задачата. Белоти се опоравува, како и Верати, Пелегрини, Маркизио“, изјави тим-менаџерот на репрезентацијата на Италија, Габриеле Оријали по ждрепката.
Шведска:
„Среќен сум што конечно го дознавме противникот. Имаме голем респект за Италија, нивната фудбалска историја е богата, но ние ќе се обидеме да победиме. Не размислувам многу за тоа што прво ќе играме дома, но ги повикувам нашите навивачи да ја наполнат „Френдс Арената“ во Малме“, изјави шведскиот селектор Јане Андерсон.
Грција:
„Хрватска е многу добра селекција, особено напаѓачки добро, а ние сме добра дефанзивна екипа, така што ќе видиме што ќе се случува. Во однос на тоа што реваншот го играме дома, мислам дека тоа ќе биде мала убава предност за нас“, грчкиот селектор Германецот.Михаел Скибе.
Хрватска:
„Најголем респект за нашиот противник. Јас сум оптимист и верувам во нашиот тим така што сега ќе имаме и време да се спремиме за двата меча. Отежителна околност е што реваншот ќе го играме таму, но имаме добри играчи и имаме шанса да одиме на 5. Светско првенство. Среќен сум што ќе играме во Загреб и се надевам пред преполн стадион“, додаде хрватскиот предводеник Златко Далиќ.
Северна Ирска
„Интересно е да се биде првиот извлечен тим. Знаевме дека која селекција и да ни падне ќе биде тешко. Швајцарија имаше неверојатни квалификации, така што многу ќе ни биде важно уште на првиот меч во Белфаст да направиме добар резултат. Знаете дека голот на гости е важен, така што останува да одиграме добро и одиме на Светско“, изјави Мајкл О’Онил.
Република Ирска:
„Природно, мило ми е што сме на денешната ждрепка. Тоа што бевме меѓу неносителите значеше и дека ќе имаме потежок противник. Се познавам со селекторот на Данска и знам дека не чекаат тешки два меча. Правилата со гостински гол се такви какви се и знаеме што значат продолженија. Според мене, загрижен сум во следните неколку недели нашите играчи да не се повредат во своите клубови“, беше реакцијата на ирскиот селектор Мартин О’Нил.