Заврши мароканскиот сон, светскиот шампион Франција е во финале!

Актуелниот светски првак од 2018-та, Франција го совлада најголемото изненадување на Мундијалот 2022, Мароко со 2:0 и оди на мегдан со Аргентина во големото финале за светска титула.

Светско првенство, полуфинале:

ФРАНЦИЈА - МАРОКО 2:0 (1:0)
/Ернандез 5', Коло Муани 79'/

Сјајниот француски селектор кој има светска титула и како игра и како тренер, се реши за истиот стандарден состав кој го изнесе најголемиот товар на овој Мундијал во Катар, со мала измена, во видот на Фофана на средината.

Исто и мароканскиот селектор се реши за истите 11 кои играа најмногу на ова Светско и направија најголема сензација откако ги елиминираа Шпанија и Португалија.

„Триколорите“ тргнаа офанзивно уште од старт и тоа им донесе најбрз гол во полуфинале на Светско уште од далечната 1958-ма година кога легендарниот Бразилец Вава дал гол токму против Франција.

По неколку одбиени обиди, топката стигна до левиот бек на Милан Тео Ернандез кој со акробатски шут ја смести во мрежата за 1:0 во 5' минута. Брзо и рано водство на Французите.

Тео стана третиот дефанзивен играч во историјата на Франција кој дал гол и имал асистенција на едно исто Светско. Претходно тоа им успеало на Мариус Тресор во 1982-ра и на Биксент Лизаразу во 1998-ма година.

Од тој момент Дешан свесно ја повлече селекцијата на своја половина и вешто чекаа контри преку брзите Дембеле, Гризман и Мбапе.

Мароко ја презеде топката и буквално до крајот на мечот имаше далеку поголем посед на топка. Напаѓаа Африканците најчесто преку десната страна каде беше нивниот најдобар играч Хаким Зијеш, создаваа шанси, но не успеаа да израмнат.

На пауза Франција водеше со 1-0, а во вториот дел светот гледаше иста слика од првите 45 минути - Мароко напаѓаше, се трудеше да израмни, а „триколорите“ ја користеа својата најдобра тактика, со брза транзиција да се пронајдат Жиру и Мбапе во нападот.

Мароканците имааа неколку зрели прилики, но Лорис и стоперите пред него Варан и Ибраим Конате беа перфектни.

И кога не успеаа до самиот финиш, а Дешан направи измени и го внесе во игра младиот и одличен шпиц на Ајнтрахт Франкфурт Рандал Коло Муани кој буквално со првиот допир со топка во 79' минута им донесе водство од 2:0 на Французите.

Голема победа и славје за светскиот првак, а тага и гордост на другата страна кај околу 45.000 Мароканци на стадионот.

На Светското првенство останаа уште два дуели. За трето место и бронзен медал во сабота од 16 часот ќе играат Мароко и Хрватска, а во недела во исто време, од 16 часот за златниот пехар ќе се судрат Аргентина и Франција.

14 декември 2022 - 21:57