За првпат во 154-годишната историја на ФА Куп би можеле да играат татко против син

Англискиот ФА Куп важи за најстарото фудбалско натпреварување на светот. Вечерва би можело да се случи вечно младиот Ешли Јанг (39 години) да испише историја со неговиот 18-годишен син Тајлер Јанг.

Тајлер Јанг е еден од поголемите таленти на англискиот фудбал. Игра за Питерборо, третолигаш кој во 3. рунда од англискиот ФА Куп вечерва од 20:45 во Ливерпул ќе се судри со премиерлигашот Евертон.

„АКО МУ ЈА ПИКНАМ ТОПКАТА НИЗ НОЗЕ, НЕМА ДА МЕ ПУШТИ ДОМА“

Во летото 2006-та големиот талент Ешли Јанг му помогнал на Вотфорд да го совлада Лидс со 3:0 во финалето на баражот за пласман во Премиер лига.

Тогаш на трибините со навивачите славела и неговата бремена девојка Ники, а после две недели се родил Тајлер. Сега сите тројца ќе бидат на „Гудисон Парк“ со надеж дека ќе бидат сведоци на историјата.

За првпат откако се игра фудбал во ФА Купот татко и син би можеле да заиграат еден против друг. 18-годишниот Тајлер вели дека е сигурен дека мама ќе навива за него:

„Мој навивач бр. 1 секогаш е мајка ми. Дури и кога ги објавија резултатите од ждрепката, таа кажа дека секогаш ќе биде од моја“, рекол Јанг-помладиот во заедничко интервју со татко му за The One Show.

Интересно Тајлер не ја следел ждрепката која со големо внимание се прати во Англија, па затоа кога татко му му се јавил да му каже, го изненадил. Сега Тајлер сонува за деби во ФА Купот каде никогаш не играл.

„Ако му ја пикнам низ нозе, мислам дека нема да ме пушта дома. Кога раснев секогаш имав на кого да се угледувам. Уште не сум играл во ФА Купот на Англија, така што баш многу ми значи да имам можност да играм и да гледам како игра татко ми. Се зависи од резултатот, мислам дека ќе ми го побара дресот. Јас не би му го барал“, се насмеал Тајлер.

Ешли Јанг кој во својата богата долгогодишна кариера освои се што може да се освои во Англија (и ФА Купот во 2015/2016) очекувано е посентиментален. Веднаш после ждрепката напишал на друштвените мрежи: „ВАУ! Сонот може да стане јаве. Кожата ми се наежи“.

Во интервјуто Јанг рекол: „Јас веќе долги години викам: ако би можеле да играме еден против друг или заедно, тоа би бил врв на мојата кариера. Тоа би ставило во втор план се што сум направил претходно. Кога беше ждрепката, просто не ми се веруваше. Немав зборови. Да ги стегнеме палците за да заиграме на терен заедно. Многу сум горд со тоа што тој го достигна - потпис на првиот професионален договор беше огромно достигнување“.

Ешли е свесен дека сите роднини ќе навиваат за Јанг-помладиот: „Многу членови на семејството застанаа на страна на Тајлер и Питерборо. Мислам дека нема некој да ме поддржува мене. Идеален резултат секако би бил Тајлер да одигра добро. За него ова е голема етапа, но и мене ми е важно да одиграм добро и поминам во следна рунда“, вели Ешли, свесен кој е фаворит на натпреварот.

СÈ ЗАВИСИ ОД ДАРЕН ФЕГРУСОН, СИНОТ НА ЛЕГЕНДАРНИОТ СЕР АЛЕКС

Тајлер Јанг, за разлика од татко му не игра на крило, туку на средина на теренот како играч за врска. Тој почнал да тренира фудбал како мал во академијата на Астон Вила кога таму уште играше Ешли Јанг. До 15 години Тајлер не размислувал сериозно за фудбалска кариера но брзо работите попримиле поинаков тек откако Квинс Парк Ренџерс му понудил стипендија.

Во Питерборо Тајлер преминал од академијата на КПР минатото лето. Се уште повеќе е со младинците каде игра редовно, а за прв тим одиграл само 27 минути во октомвриски натпревар од Лига Купот, трет турнир по важност во Англија во кој играат екипи од трета-четврта-петта лига а таму има и младински клубови на Премиерлигашите и на второлигашите од Чемпионшип.

Питерборо е третолигаш и во моментов е на 19-то место од 24 тима па ќе води голема борба за осптанок.

Прашање е дали тренерот на Питерборо Дарен Фергусон, кој е син на легендарниот Сер Алекс Фергусон ќе му даде шанса на толку важен меч против Евертон.

За почеток е важно Тајлер Јанг да дојде макар до Ливерпул за гостувањето со Евертон и да биде со првиот тим.

„Тајлер ќе биде на клуапта за резерви иако јас не можам да гарантирам дека ќе заигра. Се зависи од тоа како ќе се одвива мечот. Тајлер е тука не само поради тоа што татко му е Ешли. Јас имам девет резерви и тој е меѓу нив, што значи од фудбалски причини. Кога потпишавме договор со него, првите пар месеци беше многу инспириран, заигра и за првиот тим и одлично се справи. Потоа не направи многу што е нормално за млади играчи, но има талент.

Тајлер нема подобар пример од својот татко кој се уште игра и на 40 години. За да достигнете такво нешто, треба посветено да работите секој ден. Тој е одличен пример за сите мои млади играчи“.

Евертон и Питерборо ќе се сретнат само за втор пат меѓу себе во нивните долги клупски истории. Првиот нивен дуел го добил Евертон 2-1 во 2. рунда на Лига Куп во септември 2006.

Евертон е во слаба, очајна форма и има само една победа на последните пет настапи во ФА Купот (1 нерешена и 3 порази). Минатата сезона изгубија во 4. рунда против Лутон Таун на домашен терен на „Гудисон Парк“.

Питерборо досега во 3. рунда се сретнал против премиерлигаш 14 пати и секогаш губел. Евертон пак, поминал 14 од 15 пати во следна рунда кога во 3. коло му се паднал некој нисколигаш, со исклучок на поразот од Милвол во 2019-та 3-2.

Питеробо на последните осум ФА Куп натпревари постигнал 38 гола (дал 20 и примил 18), во просек 4,8 гола по натпревар. Сезонава само во ФА Купот на нивните натпревари имало 13 гола (8 дале, 5 примиле).

9 јануари 2025 - 13:12