
Дани Алвеш е осуден за силување вечерта на претпоследниот ден од 2022-ра година. Бразилецот се соочувал со максимална казна затвор за ова дело од 12 години во Шпанија, но тамошниот правосуден орган решил да го стави зад решетки 4 години и шест месеци.
Пресудата вклучува и пет години условна казна која што стапува на сила веднаш по исполнување на затворската. Алвеш девет и пол години ќе има забрана на приоѓање до жртвата на која ќе мора да ѝ плати и 150.000 евра и да ги плати сите судски трошоци.
Некогашниот славен фудбалер кој беше исклучително важна карика од трофејната Барселона со Меси, Чави, Иниеста, Бускетц, Пујол, Пике и останатите, претходните 13 месеци ги мина во затвор што му било заштитна, превентивна мерка.
Алвеш и неговите адвокати имале две недели да ја изнесат одбраната, а сега ќе имаат и две недели да упатат жалба на одлуката.
„Задоволни сме зошто ова е пресуда која што ја потврдува вистинитоста на зборовите на жртвата и страданието кое го претрпела. Се уште треба да провериме дали тежината на казната е во сооднос со фактите“, рекол обвинителот.
Алвеш беше обвинет дека во ноќта на 30-ти декември 2022-ра година во еден тоалет во ноќен клуб во Барселона принудил на сексуален однос 23-годишна девојка.
Во текот на судењето биле сослушани триесет лица меѓу нив и оштетеното лице, девојката која што сведочела зад затворени врати.
Бразилецот постојано повторувал дека не е насилна личност и дека чинот бил обострано прифатен. Обвинетата тврдела дека Алвеш таа вечер ја затворил во тоалетот и таму ја силувал.
Шпанскиот суд веднаш по апсењето му одреди притвор без право на кауција на Алвеш поради можност тој да пребега во Бразил кој со Шпанија се уште нема потпишан договор за екстрадиција на осуденици.
Даниел Алвеш е вториот најтрофеен фудбалер на сите времиња со дури 42 пехари. Тој до скоро беше прв пред Лионел Меси да го надмине со 44 освоени трофеи. Алвеш за Бразил одигра дури 126 меча, беше капитен и постигна осум гола. Со кариоките освои Копа Америка во 2017-та и 2019-та, освои злато на Олимписки Игри 2021 во Токио и два Купа на Конфедерации (2009 и 2013).
Алвеш во кариерата играше уште и за Сао Пауло, ПСЖ, Јувентус, Севиља, Бахија и УНАМ Пумас во Мексико.