'La Pioche' Пол Погба

Вреди 120 милиони евра, но не заборава од каде потекнува

Растен во париски кварт заедно со двајцата постари браќа, Погба уште од мал се исчеличил и сакал само едно: да стане познат фудбалер. Целиот фудбалски пат го оди под рака со мајка му која што раскажала како му се развикала на Фергусон.

Секој кој мисли дека детските брканици не се како некогаш затоа што децата повеќе не играат надвор би морал да го види маалото Ренардие во предградието Roissy-en-Brie каде растел Пол Погба.
 
Таму помали деца цело лето шутираат топка во ѕидот додека не се стемни, токму онака како што играл и играчот кој Јунајтед сака да го плати рекордно скапо. Пол пораснал во ова париско предградие со двајцата браќа Матијас и Флорентин и со мајка му Јео Мориба на 12. спрат од црната 15-катница на Авенија Август Реноа.
 
Не е тешко да се замисли мајка му на Погба која по цели денови викала од балконот по тројцата синови да завршат со фудбалот и да се приберат - Пол секогаш последен ја прифаќал оваа наредба. Татко му Фасу Антоан Погба и Јео се разделиле кога тој имал две ипол години, но продолжиле да живеат во коректни односи.

Татко му ја напуштил солидната работа телекомуникациски инжинер во вториот град по големина во Гвинеја (Африка), Н'Зерекор и се преселил во Франција во '60-те години. Се вгнездил во јужно-источното предградие на Париз, каде работел како училишен учител.

Фасу денес има 77 години и повеќе од било кога е горд на својот син и се сеќава кога заедно преку викендите гледале фудбал на телевизија, посебно Марсеј за кого Погба навивал на времето.

Пет минути прошетка низ маалото и може да се забележат постари луѓе, пензионери како играат бочевање под сенките на булеварот под кои има густи сенки од костените. Близу зградата на Погба се наоѓа Стад Пол Бесуа каде деновите ги поминува еден од првите ментори на Погба.

Пол првпат играл официјални натпревари за локалниот клуб US Roissy-en-Brie, чиишто сениори играат во деветтата француска лига. Самбу „Биџу" Тати е легенда на овој париски клуб. Почнал како голман, подоцна бил тренер, го тренирал Погба во тимот до 13 години а сега е претседател на клубот.

Дресот со број 10 кој Погба го носел во US Roissy-en-Brie, гордо стои во неговата канцеларија. „Пол доаѓаше од школо за да игра во маалото Ренардие, па доаѓаше кај нас на тренинг, па вечерта до касно играше во својата населба додека не се стемни. Отсекогаш работеше напорно и заслужува да биде таму каде што е сега", вели Тати, првиот тренер на Пол.

Францускиот репрезентативец можеби брзо стигнал таму каде што е, но никогаш не ги заборавил другарите и соседите во 'Le Quartier', место каде бил толку добар што скаутите на прволигашот Ле Авр дошле да го гледаат кога имал 12 години. Погба не заборавил на тоа време, напротив.

Во канцеларијата на Тати стои и дрес од Јувентус на Погба со број 6 на кој има посвета за него. „Пол играше со неговите постари браќа Матијас и Флорентин и како помал редовно го туркаа на земја во дуелите, така што тој стана посилен и научи да не попушта", раскажува Тати за Дејли Мејл.

Матијас и Флорентин се близнаци, три години постари од Пол. И двајцата биле одлични пинг-понгери со тоа што Матијас бил регионален шампион на турнирот до 12 години.

Како мали го гледале јапонскиот цртан филм Манга, а близнаците брзо го развиле талентот за фудбал. Подоцна тие настапувале професионално, Матијас во шкотскиот Партик, како и во англиските Кру, Врексам и Кроули Таун, а Флорентин бил потенцијал кој ветува во Сент Етјен. Сите во населбата каде растеле ќе ви кажат дека никој не очекувал Пол да отиде најдалеку.

Денес во крајот во кој живеат 5.000 жители, стотина деца играат фудбал и кошарка по терените на кои стојат графити со името и ликот на Пол Погба.

Кога трите деца со мајката првпат го напуштиле овој регион, близнаците заминале на проба во младинскиот тим на Селта Виго, а Пол отишол да игра во Ле Авр. Мајка му тогаш била сама во необично тивкиот стан. Морала да поднесе некаква жртва и благодарение на тоа денес живее близу париската населба Bussy-Saint-Georges во стан кој Пол и го купил кога потпишал со Јувентус.

Таа отсекогаш сакала да ги види децата во ист тим, но тоа веќе одамна не е можно. Таа водела сметка за кариерата на Пол, го советувала, но никогаш не му наложувала што мора да прави.

Во Франција уште се раскажува анегдотата кога таа му се развикала на претседателот на Лион Жан-Мишел Ола кога овој клуб сакала да го купи тинејџерот пред да тоа да го стори Манчестер Јунајтед во 2009. година. Ја обвинувале дека го продала синот за туѓи пари наместо да остане во земјата.

Интересен е и моментот кога наводно Сер Алекс Фергусон им понудил стан во Манчестер. Таа подоцна го обвинувала Ферги дека е крив за неуспехот на Погба на „Олд Трафорд".

„Барав лично да се видам со Фергусон и на мое големо изненадување, тој дојде кај нас дома. Откако Пол не беше задоволен со статусот, заедно со браќата решивме тој да не потпише нов договор со Манчестер. Фергусон го казнуваше со тоа што не го играше. Тој беше осамен. Многу пати плачеше во канцеларијата на Фергусон за начинот на кој го третира", раскажала Јео Мориба, мајката на Погба за францускиот медиум РТЛ Спорт.

Јео Мориба, мајката на Пол Погба е негов најголем навивач

Во маалото каде растел Погба многумина навиваат само за еден клуб: ПСЖ и не сакаат да слушнат за Манчестер Јунајтед ни за никој друг. Но се сеќаваат на првите денови на Пол во локалниот тим US Roissy-en-Brie. Извесен Абдел тренирал со Пол од шест години па до 12.

„Не беше физички доминантен, но технички беше на многу повисоко ниво. Беше победник кој мразеше да губи. Се случуваше да плаче со часови ако изгуби од децата на негова возраст", вели Абдел за Дејли Мејл.

Од US Roissy-en-Brie Погба на 14 години преминал во соседниот ривалски US Torcy, кој се смета за поголем клуб. Тогаш сите му замерувале на тренерот Тати зошто го пуштил Пол кај локалниот ривал, а тој одговорил: „Знаев дека е време за него. Дојде време кога беше спремен за повисоко ниво. Кога се јавив во US Torcy и им кажав дека треба да го земат Погба, тоа го правев свесно за неговиот развој", вели Тати.

Како што Погба го надраснал US Roissy-en-Brie, така брзо го надраснал и амбиентот во US Torcy и дошло време за академијата на Ле Авр. Далеку од дома, тој ретко ги гледам татко му и браќата, а мајка му Јео цело време била со него.

По преселбата во Јувентус со кој освои дури 4 скудета, 2 Купа на Италија и 2 Супер Купа, Погба повторно е пред вратата на „Олд Трафорд". Овојпат не како првиот пат кога плачел за да игра, туку како суперѕвезда која доаѓа на голема врата.

Во меѓувреме во Ле Квартие, некои други деца носат дресови на Погба и шутираат во ѕидот до зајдисонце.