Андриј Шевченко за малку немал да биде фудбалер. Татко му Микола, механичар во советската војска си имал врежано во глава дека и неговиот син ќе има воена кариера.
Но скаутот за Динамо Киев по име Александер Шпаков кој го открил Шевченко на 10 години, со многу тешкотии успеал да го убеди да го пушти син му во фудбалски води.
„Му реков дека фудбалот ќе го зајакне и ќе му помогне во воената кариера. Динамо Киев не беше војска, но дисциплината беше една од најголемите вредности“.
Најголемата заслуга за развојот на кариерата на Шевченко има таткото на украинскиот фудбал, полковник Валериј Лобановски.
Зборуваме за вториот најуспешен тренер на сите времиња зад Фергусон со 33 освоени трофеи и најуспешен тренер на 20-ти век. Лобановски е најпознат по успесите со Динамо Киев кој го направил најдоминантен клуб во советскиот фудбал во 70-те и 80-те освојувајќи 8 титули и 6 купа во 16 години.
Историја испишал и на меѓународна сцена бидејќи со него Динамо станал прв клуб од Советскиот сојуз со европски трофеј откако го освоил Купот на куповите на победниците и тоа два пати, прво во 1975-та против Ференцварош, па во 1986-та против Атлетико Мадрид.
И во двата наврати членови на Динамо Киев ја освоувале Златната топка, а тоа се Олег Блохин и Игор Беланов. Динамо го водел во три наврати во кариерата и откако ги презел во 1997-ма не стигнал до меѓународен трофеј, но остварил фасцинантни резултати.
Динамо во 1998-ма стигна до четвртфиналето на ЛШ и тоа како победник во група со Барселона, Њукасл и ПСВ, победувајќи ја Барселона два пати со 3:0 во Киев и 4:0 на Камп Ноу.
„Добро се сеќавам на таа вечер на Камп Ноу. Давам еден гол, потоа два, па три. Одам во соблекувална со хет-трик против Барселона која на крај ја победивме 4:0 и тоа на гости. Неверојатно“.
Следната сезона Лебановски со Динамо стигна до сензационалното полуфинале каде беше сопрен од Баерн Минхен, а Шева заврши трет во изборот за Златна топка. Пет сезони по ред го освојуваше украинското првенство, исто колку што беше тренер по трет пат (1997-2001).
Во тој тим имаше јаки играчи, пред сè Шевченко и Ребров, но основата беше во организацијата и напорниот ритам на работа.
Укранската пушка направи трансфер на Сан Сиро во 1999-та за тогаш рекордни 25 милиони евра, а после првиот двочасовен тренинг прашал: „Кога ќе почнеме со вистински тренинг“?, а колегите му одговориле дека тренингот е завршен.
Тој останал да тренира уште дополнителни два часа, бидејќи благодарение на методите на Лобановски бил обучен како за во специјални сили.
„Основниот тренинг на Лобановски во Динамо Киев се викаше „Искачување на смртта“, а се трчаше по угорница од 18%. Одевме постојано нагоре-надолу, а неговите помошници водеа евиденција во тефтери. Тој што повраќа, нема да биде во прв состав“.
Шевченко никогаш не повратил, а кога во 2003-та ја освои Лигата на шампионите со Милан, се појавил со пехарот на гробот на Лобановски, кој инаку починал една година претходно на 63 годишна возраст.
Не дочека ниту да го види со Златната топка в раце во 2004-та.