
Додека Милан славеше а целата фудбалска јавност ги следеше прославите на титули во Манчестер и Сасуоло, на југот од Италија Салернитана играше историски меч за спас во Серија А. Борба за опстанок и гол живот.
Салернитана речиси со месеци ја сметаа за второлигаш. Овој скромен клуб со фантастични навивачи (во Топ3 сезонава во цела Италија) заостануваше многу сериозно бодовно зад другите конкуренти, во еден период и повеќе од 20 бода.
На 16 април тимот од Салерно имаше -12 бода од позицијата која значеше опстанок во најдобро друштво, но набрзо се крена од пепелта и оствари 4 победи и 3 нерешени на 7 меча.
Прашањето околу последниот патник во втора лига Серија Б се решаваше во последно коло. И таму, пазете, Салернитана изгуби 0:4 од Удинезе (Илија Несторовски го даде првиот гол сезонава).
За нивна среќа Каљари (само 1 победа во последните 11 меча) во исто време играше против испаднатата Венеција и не можеше да даде гол. Тој натпревар заврши 0:0 и Каљари и Венеција потонаа во втора лига.
Салернитана и покрај страшниот пораз успеа да избега за 1 бод од опасната зона.
Сето тоа благодарение на тренерот Давиде Никола кој е навикнат да се бори за спас со многу екипи. И да излезе како победник на крајот.
ДАВИДЕ НИКОЛА ВЕЌЕ СПАСИ 4 КЛУБА ОД ИСПАЃАЊЕ, ОБИЧНО ДОАЃА НА ЗИМА, ЈА СРЕДУВА ЕКИПАТА ОД КРИЗА И ЗАМИНУВА
Тренерот Никола ја презеде Салернитана кон средината на февруари. Тогаш овој тим имаше мизерни 13 бода од 23 средби и убедливо беше закован за последно место.
Клубот кој се врати во Серија А после цели 20 години, одново висеше на работ од провалија.
На харизматичниот Давиде Никола му се падна во прво коло да игра со лидерот и идниот шампион Милан и извади 2:2 во интригантен луд финиш.
Интересно, Никола веќе има репутација на тренер специјалист за опстанок:
- Кротоне 2016/2017
На крајот од полусезоната тогаш Кротоне собра само 9 очајни бода и го делеше последното место со Пескара. Заостануваа 8 бода зад зоната која значи спас. Но по доаѓањето на Давиде Никола освоија дури 25 бода и во последно коло куртулија од испаѓање.
Кротоне го помина Емполи за два бода на табелата и се спаси.
- Џенова 2019/2020
Најстариот клуб во цела Италија после речиси 10 години спасување и напорни битки за опстанок, сезонава испадна во втора лига Серија Б. Им немаше спас.
Но така не беше пред две години кога Давиде Никола зимно време седна на клупаа на „грифони“ кои тогаш беа последни со само 11 освоени бода. Со него ја завршија победнички полусезоната а во вториот дел од сезоната собраа 25 бода и со Горан Пандев во тимот го освоија 17. место кое значеше опстанок.
- Торино 2020/2021
И одново Никола, докторот за опстанок во зимскиот период ја презеде екипата која висеше во зоната за опстанок со очајни 13 бода. Никола ја заврши полусезоната со нерешен исход а после благодарение на неговите совети, тактики и формации Торино освои 23 бода! Се спасија на 17. место на коло до крајот на сезоната.
- Салернитана 2021/2022
Нова поглавје во прекрасната кариера на Давиде Никола кој спаси и четврти клуб во последните шест години!
Необично во двете последни сезони Никола не го оставија да биде тренер и покрај тоа што ја исполнил целта да ги спаси. Во Кротоне доби отказ во декември кога ги задржи на безбедно 15. место. Што ли ќе биде сега во Салерно?
КОГА ГО СПАСИ КРОТОНЕ ВОЗЕШЕ ВЕЛОСИПЕД НИЗ ИТАЛИЈА, СЕГА ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ПЕШАЧИ ДО РИМ
Симпатичниот Давиде Никола во текот на сезонава даде неочекувано ветување: ако ја спаси Салернитана ќе пешачи од Салерно до Рим цели 300 километри!
Целта му е во Ватикан да оди на средба со Папата Римски.
Во 2017-та Никола даде слично ветување: во случај да го спаси Кротоне рече дека ќе оди на велосипед ширум цела Италија. А од Кротоне на самиот југ на земјаа до Торино на север има возење со денови. Тоа Никола го исполнил за 9 дена. Поминал околу 1.300 километри и видел многу градови каде тренирал разни клубови: Бари, Пескара, Анкона, Ливорно, Специја, Џенова, Торино.
Секаде го поздравувале и му нуделе поддршка и помош.
„Кога кажав дека ќе извозам 1.300 километри со велосипед ако успееме да опстанеме, тоа беше знак дека верувам во екипата. На играчите им требаше таков знак. Кога се спасивме, не можев да го одречам кажаното, затоа што зборовите ги дадов пред луѓе. Инаку ветувањето не би имало смисла“, рекол тогаш Никола.
Тоа патешествие го посвети на својот син кој загина во 2014-та година. 14-годишниот Алесандро бил удрен од автобус додека возел велосипед на неколку метри од домот во Торино.
По успехот со Кротоне, тренерот Давиде Никола му напиша трогателно писмо на својот син.