На скандалот со местење натпревари познат како „Калчоскомесе" кој беше откриен во Италија пред нешто повеќе од две години му нема крај. Обвинителството на Кремона кое го води случајот открива нови детали кои можат да донесат шокантни новини.
Наместо истрагата која се води за намесетени натпревари до 2011 година да го дочека конечниот епилог, во тек се нови истраги кои вклучуваат натпревари од Серија А и Серија Б и тоа од минатата и од оваа сезона, а на мета овој пат се тренери и функционери на клубови.
„Истрагите се многу комплексни затоа што се работи за голема поврзаност меѓу инволвинарите страни. Под истрага се нови 41 осомничен меѓу кои има тренери и функционери, а вкупната бројка на осомничени е над 150 луѓе. Идентификувани се имиња на луѓе кои биле посредувачи помеѓу нарачателите на местенките и функционерите на клубовите. Бројот на сомнителни натпревари е околу 110,", стои во документот на обвинителството на Кремона кој го објави италијанскиот весник Република.
Во него повторно е истакнато името на босот Тан Сет Енг кој беше уапсен во голема акција во Сингапур пред два месеца, а веднаш до него стои и името на Христијан Илиевски за кој во документот пишува дека би можело да се предаде и дека е еден од клучните луѓе во постапката.
Цел на истрагите е да се улови движењето на парите надвор од границите на Италија, затоа што по првата истрага во Швајцарија се открија шифрирани трансакциски сметки со имиња на престижни вина кои водат до Џузепе Сињори и до кланот од Болоња.
„Република" пишува дека на 10 декември ќе се обелоденат докази во јавноста кои биле собирани од 200 конфискувани компјутери во изминативе две години, како и детали од истрагата за сите познати имиња почнувајќи од Антонио Конте па се до италијанскиот репрезентативец Доменико Кришито.
Неколку експерти во наредните четири месеци ќе имаат задача да го откријат и важниот доказен материјал за истрагата кој содржи смс пораки, како и избришани мејлови.
Во уште понезгодна положба се чини дека ќе биде фудбалерот на Лацио кој за сега е суспендиран на девет месеци и за кој постојат нови сомнежи дека е подлабоко поврзан со осомничените во местенките.
Во операцијата „Ласт Бет" која трае од 2011 година до сега се уапсени над 50 луѓе и суспендирани голем број на фудбалери, а од балканската врска беа уапсени Адмир Сулиќ и Алмир Гегиќ кој објасни за колку пари може да се намести натпревар.