Во голема акција помеѓу локалната полиција од Сингапур и Бирото за борба против корупција уапсени се 14 лица во овој град меѓу кој е и главниот шеф на мафијата Тан Сет Енг или познат како Дан Тан како и блиски негови соработници.
„Полицијата соопштува дека во Сингапур се уапсени повеќе лица помеѓу кои и нивниот лидер кои се осомничени за местење натпревари ширум светот", се вели во соопштението каде името на Дан Тан не се споменува, но извори од тамошната полиција тврдат дека меѓу нив е и тој.
Во февруари оваа година Европската полициска агенција обелодени шокантни податоци дека местенки во фудбалот има на глобално ниво, односно во светски рамки под истрага се 680 сомнителни натпревари од кои 380 се во Европа.
Директорот на Еуропол тогаш изјави дека тоа е црн ден за фудбалот во светот, а дел од тие натпревари се одиграни во Лигата на шампионите, како и во квалификациите за европските и светските првенства од кои се заработувавни големи суми на пари.
Операцијата во Сингапур ја поздрави и генералниот секретар на Интерпол, Роналд Нобл кој рече дека со ова апсење, сингапурските власти направиле голем чекор во борбата против овој криминал.
Сингапур веќе подолго време е потенциран како еден од главните центри во Азија каде се уплаќаат милиони суми на пари во кладилниците на претходно наместени резултати во многу фудбалски првенства ширум светот.
Една од земјите која ја потресе голем скандал со наместени натпревари познат како „Калчоскомесе" е Италија каде се местело во повеќе лиги почнувајќи од Серија А. Италијанските власти се уште ја водат истрагата како отворена и уапсија и казнија многу италијански играчи, како и голем број на посредници.
Токму популарното италијанско првенство беше една од главните мети на криминалната мрежа на Дан Тан каде преку балканско-унгарска врска успеале да подмитат многу фудбалери преку кои беа наместени голем број на натпревари.
Скандали со наместени натпревари постојано потресуваа многу земји, а последна беше Австралија каде беа уапсени 10 фудбалери од втората лига. Дневниот весник „The Agedi Melbourne" тврдеше зад операцијата стои Вилсон Рај Перумал од Сингапур, кој моментално работи како помошник на унгарската полиција за борба против овој криминал и кој е поранешен соработник на Дан Тан.
Унгарија и Италија пред една година бараа од Сингапур можност за екстрадиција на овој нивни државјанин кој правел криминал во овие две земји, а на побрзо апсење на ова лице апелираше и Интерпол.
За мозокот на сите главни операции кои ја уништуваат регуларноста во најгледаниот спорт и со тоа заработуваат милионински суми на пари сингапурската полиција уште во февруари оваа година објави дека го привела на разговор.
Како доказ дека најбараното лице во криминалната сфера на фудбалот не е навистина на слобода, овој пат се надеваме дека ќе го видиме јавно и со лисици во судница.