Апсењата во австралискиот фудбал доаѓаат откако Фудбалската федерација на оваа земја добила информации од швајцарската агенција Спортрадар за сомнителни резултати на клубот Саутем Старс и веднаш ја информирала полицијата.
Во скандалот биле уапсени десетмина фудбалери, дел од нив Британци кои играле во втората лига, како и еден државјанин од Малезија кој ги одржувал контактите со играчите.
Тие се товарат дека местеле резултати во корист на мафијата од Малезија која им наредувала кога треба да загубат, а кога да победат на одреден натпревар, како и по колку голови треба да примат за време на натпреварите.
Според полицијата, заработката од овие натпревари во обложувалниците изнесувала 1,4 милиони евра, а според законите во Австралија казните за овие дела се затвор до 10 години, како и доживотна забрана за играње фудбал.
Дневниот весник „The Agedi Melbourne" тврди дека мозокот на оваа операција бил Вилсон Рај Перумал од Сингапур, кој во моментов работи како помошник на унгарската полиција за борба против овој криминал и кој е под нивна заштита.
Весникот пишува дека втората австралиска дивизија за него била лесно поле за манипулирање со фудбалерите на кои им наредувал како да местат, а тој потоа заработувал многу пари во азиските кладилници.