Во Дортмунд прекин на мечот по фрлени лажни златни коцки против УЕФА

Групата Ф беше најинтересна синоќа. Таму се уште со подеднакви шанси за пласман понатаму се сите четири тима. Милан со 2-1 го победи ПСЖ, Борусија Дормтунд со 2-0 го урна Њукасл а двата натпревари ги одбележија навивачите со фрлање предмети на терен.

НАВИВАЧИТЕ НА БОРУСИЈА ДОРТМУНД ВО ЖЕСТОК ПРОТЕСТ ПРОТИВ РЕФОРМИТЕ НА УЕФА

На почетокот на вториот дел од натпреварот Дортмунд - Њукасл, домашните навивачи фрлаа лажни купчиња пари, лажни коцки злато и други предмети, против реформите на Лига на шампиони за кои сметаат дека се само за профит на УЕФА, не и за обичните навивачи.

На трибината позната како „Жолтиот ѕид“ каде стојат најверните навивачи на Борусија Дортмунд, на оградата имаше голема парола со натпис против УЕФА: „ВАС НЕ ВИ Е ГАЈЛЕ ЗА СПОРТОТ - СЕ ГРИЖИТЕ САМО ЗА ПАРИ“.

На кренато знаме беа насликани првиот човек на ПСЖ Насер Ал-Келаифи, претседателот на ФИФА Џани Инфантино и поранешниот претседател на Јувентус и прв човек на ФИАТ, Андреа Ањели. Нив и луѓето од УЕФА, навивачите на Дортмунд ги гледаат како моќници кои го водат фудбалот само од профит.

Необично е што никаде не ја споменаа УЕФА ниту претседателот Чеферин.

Навивачите на Борусија се против реформите во Лига на шампиони која од следната година 2024 ќе го смени својот досегашен познат формат. Веќе нема да има групна фаза, туку ќе има една единствена лига од 36 клуба и секој ќе игра со секого. Планиран е „швајцарски систем“ со осум кола наместо шест како што досега е во групната фаза.

Голманот на Борусија Грегор Кобел ги собираше фрлените предмети, му помогнаа и другите играчи на теренот, а судијата на кратко го прекина натпреварот.

На протестот се придружија и гостите од Англија. Њукасл првпат игра во Лига на шампиони после 20 години. Навивачите на премиерлигашот на стадионот во Дортмунд извадија парола на која се заблагодарија на Борусија што по сосема коректна и фер цена по 20 фунти им наплаќала карти.

Пред само неколку дена управата на Њукасл на навивачите на Дортмунд им продавала карти по 60 фунти, а претходно ПСЖ им наплаќал по 70 евра од карта. Навивачите на Борусија, а и други клубови ширум Европа со години протестираат против скапите карти за гостински навивачи во Лига на шампиони.

Тогаш во Париз извадија парола: „70 евра за групна фаза? Е*и се ПСЖ. Дваесет е премногу!“

 

8 ноември 2023 - 10:07