Англиските медиуми и навивачи многу сакаат да одат од една крајност во друга, па така кога некој тоне како што беше случај со Јунајтед под Мурињо, тераа шеги до бескрај.
Сега одат со Сити во друга крајност. Едно-две па го спомнуваат терминот квадрупл (четири титули во една иста сезона), подвиг за кој отсекогаш избегнувале да зборат и оние кои биле најблизу до остварување.
Екипата на Гвардиола направи мал чекор кон евентуалниот сон „четири трофеи“ затоа што веќе го освои Лига Купот и штиклираше еден пехар. Во меѓувреме влегоа во финалето на ФА Купот каде ги чека Брајтон, жестоко се борат со Ливерпул за титулата во Премиер лига (Сити има меч помалку, Ливерпул има два бода повеќе и е прв), а „граѓаните“ играат и во четвртфинале на Лига на шампиони против Тотенхем.
Покрај тоа, Сити има 20 победи на 22 меча во 2019 година и неверојатна серија од 14 триумфи по ред. Единствениот пораз им го нанесе Њукасл во Премиер лига.
Шансите за уникатното достигнување се реални, но Пеп постојано спушта топка и ги штити играчите од огромен притисок.
„Зошто постојано прашувате за тоа (квадрипул). Во земјава, позната по фудбалот, никој не освоил квадрипул. Легендарни клубови како Ливерпул, Манчестер Јунајтед во времето на Сер Алекс, Челси на Жозе Мурињо и Арсенал на Арсен Венгер - никој не го сторил тоа. Зошто мораме баш ние?“, рекол Пеп пред неколку дена и додал:
„Да се освои квадрипул е практично невозможно. Така напишете во наслов. Тоа што ние уште сме во игра за 4 титули тоа е веќе чудо. Но искрено, да се достигне тоа е практично невозможно“.
До такво чудо на Сити му останаа 12 ултра важни натпревари:
Во Премиер лига ги очекуваат уште дуели со Кристал Палас на гости, па Тотенхем дома, па Манчестер Јунајтед на гости, Барнли на гости, Лестер дома и Брајтон на гости. Во ФА Купот ќе играат финале со Брајтон, а во 1/4 финале на Лига на шампиони со Тотенхем и ако поминат таму во полуфинале ќе ги чека еден од Јуве/Ајакс/Барселона/Манчестер Јунајтед/Ливерпул/Порто.
КОЈ ВО ИСТОРИЈАТА ОСВОИЛ КВАДРИПУЛ И КОГА?
За почеток да се каже дека во квадрипул не се сметаат победите во Суперкупот и дека во повеќето европски земји има само едно куп натпреварување. Исклучок се Англија, Шкотска, Франција и Португалија што значи дека многу клубови немаат ниту теоретска шанса да освојат четири пехари во една иста сезона.
Но во случај наместо Лига Куп да освојат Клупско Светско пренство, ќе може да се пофалат со квадрипул.
Единствениот клуб во историјата кој освоил квадрипул е шкотски Селтик во сезоната 1966/1967. „Келтите“ ги освоија пехарите во домашно првенство, шкотски Куп, шкотски Лига Куп и Куп на европски шампиони, претеча на денешната ЛШ.
Тоа бил славниот тим на легендарниот тренер Џок Стејн. Прв британски клуб во историјата кој освоил Лига на шампиони.
Во Англија квадрипул не освоил никој никогаш иако многу биле на чекор од таков подвиг:
- Нотингем Форест на Брајан Клав фо сезоната 1978/79 до крајот на февруари претендирал на сите 4 титули но на крај ги освоил Лига на шампиони и Лига Куп на Англија. Во ФА Куп изгубиле од Арсенал а во Премиер лига шампион станал Ливерпул.
- Ливерпул во сезоната 1983/1984 првпат во историјата на англискиот фудбал му донел „требл“ (тројна круна): првенство, Куп на европски шампиони и Лига Куп. Им недостигала сила само во ФА Купот каде изгубиле од Брајтон во четврта рунда.
- Манчестер Јунајтед во епската сезона 1998/1999. Сите се сеќаваат на „тројната круна“ која за малку ќе станеше квадрупл за Сер Алекс Фергусон да не беше поразот во 4. рунда од Лига Купот од Тотенхем.
- Челси во сезоната 2006/2007 славеше во двата домашни купа, но изгуби во полуфиналето на Лига на шампиони на пенали и заврши втор во Премиер лигата.
- Манчестер Јунајтед во сезоната 2008/2009 ги освои Премиер лигата, Лига Купот и стигна до полуфиналето на ФА Куп и финалето на Лига на шампиони каде изгуби од Барселона во Рим.
Последен сериозен обид за квадрипул имаше Манчестер Сити под водство на Мануел Пелегрини во сезоната 2013/2014: ги освоија Премиер лига и Лига Куп, но од ФА Купот и ЛШ испаднаа порано.
Само два англиски клуба стигнале подалеку од Манчестер Сити досега сезонава 2018/2019, на патот до чудесен квадрипул: Челси во 2006/2007 (до 1 мај беа во игра за 4 трофеи( и Манчестер Јунајтед 2008/2009 (до 19 април сонуваа квадрипул).
Гвардиола во секое интервју и на прес-конференциите избегнува да зборува за ваков подвиг, со цел да го тргне притисокот од екипата, но и самиот е свесен дека да се направи такво нешто е тешко дури и за клуб со ресурси како Манчестер Сити.
Иако, во Англија зачестиле уплатите на ваков исход на сезоната.