За најдобар фудбалер на годината 2024 според ФИФА со гласови на селекторите и капитените на сите репрезентации на светот е избран Бразилецот Винисиус. Тој му се реваншираше така на Шпанецот Родри кој победи во изборот на Франс Фудбал.
Винисиус собрал 5 бода повеќе од Родри.
На церемонијата одржана во Доха (Катар) втор заврши Родри а трет соиграчот на Винис, Џуд Белингем. Реал Мадрид на 18-ти декември игра во Катар против Пачука во финалето на Меѓуконтиненталниот Куп.
Македонскиот селектор Боби Милевски гласал за: Дани Карвахал, Џуд Белингем и Родри. Капитенот на Македонија Енис Барди бодовите ги дал за: Родри, Винисиус Жуниор и Ерлинг Халанд а новинарот Мијалче Дургутов: Винисиус Жуниор, Родри и Дани Карвахал.
„Денес му пишувам на детето кое виде многу идоли како го креваат овој трофеј... Неговот време дојде. Или поточно моето време дојде. Да, јас сум најдобар играч на светот и многу се изборив за тоа. Се обидоа и се обидуваат да ме поништат, да не омаловажат. Но не се спремни. Никој нема да ми каже за кого треба да се борам, како треба да се однесувам. Кога бев во Сао Гонсало, системот не се грижеше за мене. Ќе ме изедеа. Победив за себе, за моето семејство.
Со голема поддршка на тој пат: од Фламенго, од Реал Мадрид, од репрезентацијата на Бразил, од стотици мои соиграчи низ годините... од луѓето кои ме поддржуваат секој ден во мојата рутина, од оние кои ме почитуваат. Најдобриот фудбалер на светот“, напишал Винисиус на својот Инстаграм профил.
Настанот The Best во организација на ФИФА траел помалку од час и тоа било за пофалба со оглед на тоа што претходно церемонијата „Златна топка“ во октомври во Париз траела дури повеќе од три часа и на социјалните мрежи го критикуваа организаторот за претераниот формат.
Синоќа на The Best FIFA во Катар Лео Меси го освои шестото место пред Ерлинг Халанд (8) и Килијан Мбапе (9). Лионел Меси три пати ја освои оваа награда и тоа во 2019-та како играч на Барселона, во 2022 како играч на ПСЖ а и во 2023-та како играч на Интер Мајами кога изборот беше навистина спорен со оглед на тоа што светскиот шампион веќе одамна е во полу-аматерска лига во САД и во тој момент имаше позаслужни кандидати.
Интересно е што таа победа лани го изненади и самиот Меси. Тој лично гласаше за главните конкуренти Ерлинг Халанд и Килијан Мбапе и дури и не дојде на церемонијата на признание па водителот на настанот, Тијери Анри се насмеа кога наградата стоеше сама на средина на сцената.
Винисиус синоќа собра 48 бода. Гласањето се состоело од четири блока. ФИФА секоја година им овозможува на капитените на репрезентациите и селекторите да гласаат, како и избран новинар од секој член на ФИФА и навивачите преку онлајн анкета. Секој блок носи по 25% од вкупниот број гласови.
Секој учесник бира: за прво место се добиваат 5 бода, за второ 3 бода а за трето 1 бод.
КОЈ ГИ ОСВОИ ОСТАНАТИТЕ НАГРАДИ?
Карло Анчелоти е најдобар тренер за 2024. Италијанецот во сезоната 2023/2024 освои со Реал Мадрид Лига на шампиони, Ла Лига и шпански Суперкуп. Во меѓусезоната освоија уште и УЕФА Суперкуп. Анчелоти го победи Лионел Скалони, селекторот на Аргентина, како и Луис де ла Фуента (Шпанија), Пеп Гвардиола (Ман. Сити) и Чаби Алонсо (Баер Леверкузен).
Емилијано Мартинез одново е избран за најдобар голман на светот. Тој веќе пред две години беше лауреат на истава премија тогаш како светски шампион со Аргентина. Мартинез освои повеќе гласови од Андреј Лунин (Реал Мадрид), Давид Раја (Арсенал), Едерсон (Манчестер Сити), Џанлуиџи Донарума (ПСЖ), Мајк Мењон (Милан) и Унаи Симон (Атлетик Бибало).
Алехандро Гарначо е стрелец на најубавиот гол за 2024/2024. Тој во ноември 2023-та на мечот Евертон - Манчестер Јунајтед постигна страшен погодок со ножички и заслужено ја доби наградата „Ференц Пушкаш“.
Аитана Бонмати го доби признанието The Best за најдобра женска фудбалерка на светот. Таа во октомври исто ја освои „Златна топка“ и тоа втора сезона по ред.
Наградата за најдобар тренер во женски фудбал ја доби Ема Хејс (Челси и САД), легендарната Марта ја доби првата награда и тоа именувана интересно во нејзина чест, за најубавиот гол во сезоната во женски фудбал (FIFA Marta Award). Најдобра голманка во женскиот фудбал е Алсиа Незр од репрезентацијата на САД и Чикаго Ред Старс.