Викендов има топ фудбал

Денешниот и утрешниот ден на програмата носат фантастични дерби дуели во секое ќоше од Европа но и во Јужна Америка.

Во финишот на сезоната кога се решаваат многу прашања и ќе се добијат одговори на тоа кој ќе биде шампион, кој ќе испадне, кој ќе обезбеди место во еврокупови, викендов ќе одигра важна улога.

Сабота, 20-ти април:

Манчестер Сити - Челси (ФА Куп финале, 18:15)

Пеп Гвардиола и Сити испаднаа од Лига на шампиони во четвртфинале на пенали од Реал Мадрид. Така пропуштија шанса да го повторат минатосезонскиот чудесен подвиг кога освоија тројна круна.

Сити денес ќе ја има првата шанса за пехар против разгоропадениот Челси кој сака да ја спаси очајната сезона со триумф во најстариот турнир.

Јасно е дека Манчестер Сити е голем фаворит но од другата страна ќе има силно мотивиран ривал.

Црвена звезда - Партизан (Суперлига, плејоф, 18:00)

Трето издание на белградското вечно дерби сезонава. Црно-белите до крајот од март беа први на табела и изненадувачки влегоа во трка за титулата иако имаат далеку послаб состав од големиот ривал.

Партизан доби едно дерби на домашен терен со 2-1, еднаш одиграа нерешено 2-2 на стадионот „Рајко Митиќ“, а сега ќе се игра трето дерби.

Црвена звезда во меѓувреме се консолидираше и успеа да искористи два кикса на Партизан па бодовно да избега дури +7 бода на табелата во разигрувањето за шампионска титула.

Недела, 21-ви април:

Борусија Дортмунд - Баер Леверкузен (Бундеслига, 17:30)

Борусија Дортмунд може да стане само првиот тим сезонава со кој Баер Леверкузен два пати губи бодови.

Новиот сензационален германски шампион Баер Леверкузен ја игра најдобрата сезона во клупската историја. Го освоија најважниот пехар, прв во историјата на клубот а ги чекаат борби за уште два: во германски Куп (финале против Кајзерслаутерн) и во Лига Европа (полуфинале против Рома).

Во првиот дел од сезоната Борусија Дортмунд одигра 1:1 на гости кај Леверкузен. Гостите тогаш постигнаа брз гол а на Баер му требаше долго долго време да го пробие автобусот на Един Терзиќ.

Реал Мадрид - Барселона (Примера, 21:00)

„Ел Класико“ за шампионска титула.

Иако веќе долго време изгледа како Реал Мадрид многу да се одвои од ривалите во борба за шампионската титула, сепак Барса заостанува „само“ 8 бода. „Кралевите“ имаат 78, Барса има 70 и се евентуален триумф во Мадрид, би можеле да ја направат шампионската трка до крај многу неизвесна.

Реал Мадрид влегува во дербито по големиот триумф кај Манчестер Сити на пенали кога осигураа пласман во полуфинале на Лига на шампиони. Барселона, пак, претрпе дебакл во реваншот со ПСЖ кога со играч помалку поради црвениот картон на Араухо не можеше да се избори со Парижаните кои славеа 1-4 и ја исфрлија Барса од ЛШ.

И двата тима на последните 5 меча имаат по четири победи и едно реми.

Ривер Плата - Бока Јуниорс (Примера, 20:30)

Во аргентинската Примера дивизион, Ривер во својата Група А од разигурвањето за титулата има 27 бода пред Архентинос Хуниорс и Баракас Сентрал кои имаат по 26.

Бока во својата Група Б е четврта на табела со 25 бода, четири помалку од лидерот Годој Круз.

Ова ќе биде дерби во четвртфиналето на Куп на Аргентина и интересно нема да се игра на „Монументал“ туку на неутрално место, на стадионот „Марио Алберто Кемпес“ во Кордоба и за првпат после 2018-та ќе има две навивачки групи на трибините што значи огромна работа за безбедносните служби.

Понеделник:

Милан - Интер

Ново градско дерби, овојпат со делумно помала важност затоа што нераѕурите веќе практично го освоија шампионското скудето. Интер има 14 бода предност во однос на Милан на шест кола пред крајот.

Росонерите со оглед на играта која што ја прикажуваат можат да бидат задоволни што љубоморно го чуваат второто место на табела. Во меѓувреме испаднаа од Лига Европа од големиот ривал Рома која оди во полуфинале и ова значеше дека Милан и дефинитивно ќе се разделува со тренерот Пиоли на крај од сезоната.
 

20 април 2024 - 09:42