На Боксинг Деј навивачите на Јунајтед се нервираа на почеток зошто Њукасл поведе на „Олд Трафорд“ уште во 13’ минута.
Но Манчестер брзо израмни, а после 12 минути Мејсон Гринвуд распали една бомба во трк како Робин Ван Перси во најдобрите денови (иако топката од рикошет заврши во мрежа) и го сврте резултатот 2:1.
Понатаму Рашфорд и Марсиал дадоа уште по гол, но денес сите зборуваат за Гринвуд.
Малиот Мејсон пред пар месеци штотуку наполни 18 години. Сезонава одигра севкупно 47 минути распоредени во 4 натпревари во Премиер лигата.
„Мејсон има одлична контрола на топка. Знаеш дека штом ја прими, веднаш брзо тргнува кон голот. Секогаш е ладнокрвен и мирен“, рече Норвежанецот на клупата на Манчестер.
Голот против Њукасл синоќа му е веќе трет во Премиер лига, а во Лига Европа има 5 гола во 6 кола.
Гринвуд синоќа стана најмладиот играч во историјата на Манчестер Јунајтед кој дал три гола во Премиер лига (18 години и 86 дена). Претходно рекордот го држеше Рашфорд кој во време на својот 3 гол за Манчстер беше 2 месеци постар од Мејсон.
Последен тинејџер кој давал голови на два меча по ред за Манчестер беше Федерико Македа во 2009 година, а пред него тоа беа Гигс и Руни. Колку за споредба, Алексис Санчез за 1.923 минути во Манчестер постигна 3 гола. На малиот Мејсон Гринвуд за 3 гола му требаа 426 минути игра.
„Многу ми се допаѓа Гринвуд. Не можам а да не се радувам на неговата самоконтрола и физичка состојба. Тој ги завршува нападите како топ напаѓач. На тој план (финишинг) е појак и од Рашфорд. Мејсон изгледа многу уверливо. Манчестер треба да се гордее што има такво дете“, вели Гери Невил.
Јавноста првпат слушна за Мејсон Гринвуд по неговото деби во Лига Европа кога уште на првиот меч постигна победнички гол против Астана, кога Манчестер Јунајтед се намачи 73’ минути да им даде гол на Казахстанците (20:3 во однос на шутеви имаа и 7:0 во рамки на гол).
Голот на Гринвуд беше единствен и им донесе важни 3 бода.
Мејсон е во клубот од 6 години. Погодокот против Астана му беше прв во сениорска конкуренција и долго ќе ја памети таа вечер.
Со 17 години и 353 дена малиот и брз левак стана најмладиот стрелец на гол за Манчестер Јунајтед во еврокуповите - претходно рекордот го држеше Рашфорд, а пред Маркус многу одамна Џорџ Бест.
Гринвуд стана најмлад играч кој играл за Манчестер Јунајтед во Лига на шампиони - влезе од клупата за резерви на мечот против ПСЖ. После пар дена дебитираше и во Премиер лига каде рекордот го држи неговиот другар Ејнџел Гомез.
Многумина се чудеа кога на крајот од минатото лето Манчестер реши да го продаде Ромелу Лукако во Интер и да не донесе никаква замена за него. Во тимот останаа само Рашфорд, Марсијал и тогаш 17-годишниот Гринвуд.
Се испостави дека Солскјер не погрешил во проценката, малиот почнува да растура.