Усеин Болт го бараат Катарци на Малта, да се бори за влез во Лига на шампиони

Откако конечно заигра професионален фудбал, најбрзиот спринтер на светот почна да дава и голови, па го привлече вниманието на некои малку од малку посериозни клубови.

Најпознатиот клуб од Малта, Валета му понудила на Јамајчанецот двегодишен договор со цел да имаат подобар состав во евентуален напад на еврокуповите следното лето.

Директорот на клубот Гастон Слимен за ESPN во понеделникот изјавил дека тие се надеваат дека осумкратниот Олимписки шампион ќе потпише со нив за да може да игра и во мечот од Супер Купот на Малта на 13 декември против Балзан.

„Шампионот е секогаш добредојден и Валета верува дека ништо не е невозможно. Се надевам дека Болт би можел да го отвори патот за многу други атлетичари да се пробаат во други спортови“, рекол Слимен.

Болт го сврте фокусот кон себе минатиот викенд кога постигна два гола за неговиот актуелен тим Централ Коуст Маринерс на пријателска против Макартур Саут Вест Јунајтед. Маринерс играат во австралиската А-лига.

***

Менаџерот Тони Ралис, кој го застапува Болт во Австралија, за ESPN рекол дека „има клуб од Европа кој му понудил 2-годишен договор на Усеин и дека овој клуб има нови сопственици чии амбиции водат дури до влез во Лигата на шампионите.“

Валета е шампион на малиот познат остров во Медитеранското море каде живеат и работат многу луѓе од Македонија и од регионов.

Овој клуб кој неколку пати играше против македонските екипи во квалификациите за еврокуповите неодамна го купиле нови сопственици, поточно Санбан Груп од Абу Даби. Тие во септември ги завршиле сите поединости околу купувањето на Валета.

Спортскиот директор рекол дека во клубот се задоволни од нивните стартни напаѓачи Бојан Каљевиќ и Марио Фонтанела но дека сакаат да го додадат и Болт во тимот по неговата проба во Австралија.

Усеин Болт се повлече од атлетиката во 2017 година и конечно го оствари животниот сон за кој зборуваше со години - дека сака да игра професионален фудбал.

Тимот на Валета ја освои Малтешката Премиер Лига пет од последните осум сезони но никогаш не поминале повеќе од 2. квалификациско коло. Летово изгубиле од албански Кукеши во првата рунда а потоа во квалификациите за Лига Европа беа поразени од Зрињски Мостар од БиХ.