Во 2013-та година, тинејџер од Велика Британија седнал со другарите на пиенка во пабот на дедо му Бруно кој се наоѓа во Гибралтар.
После неколку пива, инспирирани од пабот и љубовта која ја имаат кон Њукасл, решиле да формираат фудбалски клуб.
Се вика Бруно'с Магпис. Сторијата не застанува на локално ниво во Гибралтар, туку се шири брзо и фасцинантно.
Замислете, овој мал клуб формиран неодамна од љубов, три години по ред игра на меѓународна сцена, а минатата недела во Конференциската лига го елиминираше ирскиот претставник Дери Сити.
Знаете ли со кого стасаа да играат синоќа во второ коло? 15 кратниот шампион на Данска, Копенхаген, кој лани го совлада Манчестер Јунајтед и се пласираше во осминафиналето од ЛШ.
Пазете го и ова. Клуб кој доаѓа од земја со 33.000 жители, помалку и од Фарски Острови, против клуб со стадион кој има капацитет од 38.000 седишта. Значи цела држава има место да се смести на стадионот на Копенхаген.
„Тимот на пабот“, треба постојано да ја држиме таа ознака бидејќи е привлечна за надворешниот свет и за луѓето кои се навлечени на приказните“, вели тренерот на Бруно'с Магпис, Нитан Руни.
„Главната поента е што работите растат и се развиваат“.
Прогресот им се случува пред сè со Руни под чие водство од 2022-ра, клубот има освоено два Купови и три години по ред игра во квалификациите од Конференциската лига.
Тоа им овозможи дури и да ангажираат играчи од странство, како на пример поранешниот дефанзивец на Абердин, Аштон Тејлор кој ги засили од Бредфорд.
Руни е оптимист дека лигата во Гибралтар може да стане работа со полно работно време во следните 18 месеци.
„Имаме три куп финалиња, три последователни европски квалификации. Во тие моменти очите ти се отвораат и сфаќаш дека стануваш одржлив. Ако сакаме да го поддржиме дома, тоа што го правиме во Европа, треба да инвестираме повеќе во подобри играчи, но исто така да не бидат тоа само едногодишни договори. Така ќе почнете да ставате пари и ќе имате група која ќе дојде со вас и на следното патување“, вели Руни.
Бруно'с Магпис го загуби првиот дуел против Копенхаген со 0:3, а реваншот е на 1 август.