Унаи Симон - еден од јунаците на Шпанија која тргна по пехарот

Шпанија се спрема за нов, голем, тежок предизвик. После битката со домаќинот Германија која ја совлада 1-2 по продолженија, сега ги чека Франција во полуфинале. Шпанците ќе играат со преполовен состав без дури тројца најстандардни првотимци.

Шпанија ја чека мегдан со Франција а мечот поради парни жолти картони и еден црвен ќе го пропуштат: бекот Дани Карвахал, стоперот Робин ле Норман и центарфорот Алваро Мората.

Во услови на кадровска криза клучен играч во одбраната стана Унаи Емери, јунакот кој игра одлично Еуро а кој е најмалку позната ѕвезда од сите шпански голмани во последните 20 години.

ДАЛЕКУ ОД ЈАВНИОТ ЖИВОТ, ОДИ ВО РОДНОТО СЕЛО НА ТАТКО МУ ДА ИГРА КАРТИ

Унаи Симон е далеку од вообичаена слика за фудбалска ѕвезда. Скоро невозможно е да најдете негови слики надвор од терен или стадион или надвор од тренинг база. Ретко дава интервјуа, а и ако даде, тоа ќе биде сигурно интересно.

Кога неодамна го прашаа за изјавата на Мбапе по повод изборите во Франција (Килијан секој втор ден агитираше да се излезе и да се гласа против партијата Национален фронт), шпанскиот голман на Еуро2024 изјави: „Не ми се допаѓа да се ставаш себе пред медиумите. Јас не сум човек кој често зборува со пресот. Подобро се чувствувам пред очите на 60.000 гледачи долу на терен отколку пред десетина новинари“, изјавил Симон.

Го нема ниту на социјалните мрежи: „Не сакам да велам никогаш, но сега немам друштвени мрежи. На страна сум од нив. Ние знаеме какво влијание имаат врз нашиот живот. Не сум видел никаква корист од социјалните мрежи за себе“, рекол Унаи Симон пред Еуро 2021 а после три години ништо не е сменето. Сè уште нема никаков профил на друштвените мрежи.

Симон често поминува лето во Сан Марсал, село со 150 мештани во старата шпанска провинција Самора, место каде е роден татко му. Таму Унаи растел секое лето и повеќе време поминувал како мал отколку во Баскиските Земји. Таму има дури и таканаречена „пења“ - фан клуб на голманот.

Локалците се собираат да го гледаат Атлетик Билбао на телевизија а исто и шпанската репрезентација. Навиваат за својот Унаи.

„Горди сме што е тој наш комшија. И не зошто е голман на Атлетик или репрезентацијата на Шпанија, туку зошто отсекогаш бил добро момче“, вели Хавиер Мартин, сопственик на барот El Cruce каде се собираат мештаните да гледаат фудбал и додава дека Унаи има одличен однос со сите во селото и дека помладите го обожуваат. Еднаш дури и ги собрал сите деца да поигра со нив и помуабети.

Тој најмногу се одморал кога играл карти во барот во селото каде живеат баба му и дедо му. Игра мус, шпанска игра со карти, позната кај Баскијците.

ТЕШКИОТ ПАТ, СОЛЗИ НА ТРЕНИНЗИ И ПРОПУШТЕНИ ШАНСИ

Унаи е роден во Мурхија, селце на северот од Алави, најужната провинција во Баскиските Земји. Одма е јасно зошто прва фудбалска станица на малиот Симон му бил Атлетик Билбао - баскиската гордост.

Симон принудно станал голман инаку постојано како мал играл во напад.

„Како и сите во детството, така и јас многу сакав да давам голови. Но бев висок и мрзлив, па тренерот ме стави на гол. Ми беше интересно да се фрлам на земја но на мајка ми не и беше кога требаше да пере облека постоано. Ми се допадна на голот и решив да останам“, раскажува Унаи.

Ловците на таленти на Атлетик Билбао ја препознале неговата дарба за фудбал во 2011-та година кога Унаи штотуку наполнил 14 години. Клупскиот скаут Хавиер Барберо се сеќава: „Го знам Симон од 11 години. Во неговото детство ме воодушевуваше неговиот менталитет и самодоверба. Унаи од почеток сакаше се да прави исправно. Си одеше од тренинг со солзи ако нешто не направи како треба. Учевме да го контролира разочарувањето. Го смирувавме и му објаснувавме дека никогаш од почеток не оди се гладко“, вели Барберо.

Унаи Симон дебитирал за Атлетик Билбао во Ла Лига на 20-ти август 2018-та година на само 21 година.

Место на голот му ослободи Кепа Аризабалага, голманот кој направи чудесен астрономски трансфер и за кого Челси на Атлетик Билбао му плати стрмоглави 80 милиони евра! И тоа во самиот финиш на преодниот рок.

Веднаш после овој трансфер прв голман на Атлетик стана резервата Јаго Ерерин но во меѓувреме се повреди и паузираше два ипол месеци.

„Може да се каже дека ми се посреќи. Берицо (тогашниот главен тренер на Атлетик Билбао) ми рече да си барам нов клуб, јас се договорив со Елче и се спремав да си одам, но не пројдоа две недели како ми се јавија и ми рекоа: Кепа ќе оди во Челси, Јаго е повреден. Беше чудно и необично но уживав во моментот“.

Унаи не ја искористи баш најдобро шансата - примил дури 13 гола на седум меча. Веднаш по враќањето на Јаго Ерерин, Симон го заковале за клупата за резерви и таму останал до крај на сезона.

Но втората шанса ја зграбил како пантер и не ја пропуштил. Ерерин си допуштил серија грешка во новата пред-сезона, па стартот на сезоната 2019/2020 му припаднал на Симон. Пред него бил голема серија на победи и меч без примен гол против Барселона. Набрзо станал стандарден и незаменлив голман на Атлеик Билбао.

„Унаи помина прекрасна сезона и не го почуствуваме заминувањето на Кепа. На рана возраст тој ги разви во себе сите неопходни навики за современ голман. Го сретнавме уште кога беше резервен голман во младинската школа. Психолошки е силен да издржи секаков притисок“, вели поранешниот тренер на голманите во Атлетик Билбао Горка Ираизоз.

Симон станал прв голман во 2019-та и од тогаш наваму не е тргнат од голот. Има 170 настапи во Ла Лига за пет сезони.

„МЕНЕ МИ ТРЕБА ГОЛМАН КОЈ СМИРУВА“, ЛУИС ЕНРИКЕ ГО ОТКРИЛ

Унаи Симон ги поминал сите нивоа на младински категории во репрезентацијата на Шпанија (У-16, У-10, У-21), бранел на Олимписки Игри и два пати освоил злато на Европски првенства во 2015-та и 2019-та.

По крајот на златната ера шпански голмани (Касиљас, Реина и Виктор Валдес во ист состав), Шпанија имала проблем па „единица“ бараа неколку години. Де Хеа и Кепа не се справија баш најдобро со улогите но и стилистички како да остареа.

Доскорешниот селектор на Шпанија Луис Енрике кој сака посед на топка сакал голман кој самоуверено и сигурно игра со нога.

По успешната година во Ла Лига, Симон го викнале во сениорска репрезентација каде првпат дошол во август 2020-та (тогаш го одложија Еуро2020 за следната 2021-ва). Луис Енрике признавал дека многу му се допаѓа играта со нозе на Симон кој е негово откритие во репрезентацијата.

„Во Атлетик никогаш не сум играл толку гладко со нозе. Енрике ме научи да ја разбирам играта. Треба да се приспособуваме на тренери со кои работиме. Марселињо нема да биде цел живот во Атлетик. Кога ќе дојде друг тренер, ќе воведе нови работи така што треба да се адаптираме“, вели Унаи Симон кој има супер Европско првенство со само 1 примен гол досега после 5 меча.

ДЕБИТО ЌЕ ГО ПАМЕТИ ЗАСЕКОГАШ

Баскиецот дебитираше за репрезентацијата на Шпанија на 11. ноември 2020-а година против Холандија, а после осум месеци отпатува и на Европско првенство како прв голман. Кепа Аризабалага ја изгуби конкуренцијата во клубот од Едуар Менди, Де Хеа во Манчестер Јунајтед од Дин Хендерсон па Унаи Симон беше единствен стандарден голман.

Но во следната сезона паднал во форма: примил дури три гола повеќе од очекуваното (статистички во споредба со претходната сезона) и допуштил дури шест груби грешки во Ла Лига што бил најлош резултат од сите голмани во топ-5 лигите во сезона 2020/2021.

„Фудбалот е серија грешки. Најважни се деталите и мирна реакција на грешките. Го следев Унаи, тој го изучува фудбалот. Симон е таков тип на личност кој дури и после грешка, продолжува да работи како ништо да не било“, вели некогашниот легендарен голман на Шпанија Андони Зубизарета.

Во репрезентацијата исто Унаи периодично грешел. На еден натпревар од квалификациите на два месеци пред Европско првенство излегол далеку од својот гол и примил гол од пола терен.

„Ние од него тоа и го бараме. Тоа што тој го направи мене ми дава уште поголема самодоверба“, парадоксално велел селекторот Луис Енрике кој го терал Унаи што повеќе да игра со нозе.

„Не сметам дека сум прв голман, имаме многу одлични голмани. Селекторот сакаше да ме види и да ги изучи тренинзите на најдобрите голмани на светот. Го примам секое негово решение и секогаш сум спремен да и помогнам на репрезентацијата“, рекол Унаи.

НЕМА КОЈ НЕ ГРЕШИ, НО ВАЖНО Е БРЗО ДА СЕ ТРГНЕ НАПРЕД

Голманските грешки се највидливи па така и тие се најодговорни во екипата. Унаи Симон правел киксови и против Хрватска на Еуро2020 но Шпанците поминаа понатаму.

„Важно е што ќе правиш после грешката. Мислам дека Рафа Надал еднаш кажа дека кога грешките се во прашање, треба да развиете помнење на златна рипка. Мора веднаш да го заборавиме ова, да тргнеме понатаму и да анализираме се после мечот“, рекол поранешниот селектор Луис Енрике.

А Баскиецот не само што се крена по катастрофалниот кикс на тоа Еуро, туку и ја однесе Шпанија во полуфинале на Европското после одличната пенал серија против Швајцарија. Унаи одбрани два шута и го прогласија за најдобар играч на мечот а подоцна скромно понудил да ја подели наградата со Јан Зомер кој имаше рекордни за едно Европско 10 одбрани на тој меч.

И покрај тоа што Де Хеа се врати во форма на крајот од таа 2022-ра, Луис Енрике не го повика за Светско првенство. Унаи Симон остана прв голман.

СЈАЕН ПЕНАЛЏИЈА

Меѓу сите добри навики на Унаи Симон е и онаа одлично да проценува пенали. Во сезоната 2023/2024 против Атлетик Билбао биле досудени пет пенали. Симон дури три пати ја проценил топката.

Во јуни 2023-та во серијата пенали Унаи Симон и помогна на Шпанија во големото финале на Лига Нации против Хрватска. Тој станал прв шпански голман со дури шест одбранети пенали во пенал серии. Икер Касиљас дотогаш имал одбранети пет пенали.

„Секогаш ги имам сите информации за изведувачите. Се имам на лист: изведувачот, како шутира, во кој правец. Ова ми е многу важно зошто не сум баш добар во читање израз на лице. Стојам на стативата до крајот додека не видам кој играч ќе изведува. И после одам да читам во листот“, вели Унаи Симон за тоа како фаќа пенали.

„Притоа не е толку важно што е таму напишано колку самиот факт што читате во лист додека противникот доаѓа да шутира. И тој веќе си разговара сам со себе: О Боже, прочита нешто во своите белешки. Проклетство! Тој веќе знае каде ќе шутирам“, раскажува Унаи за тоа како гледа на драматичната пенал серија и ривалите. 

„Пред да ги проучувам изведувачите размислував само каде да скокнам. Затоа често доцнев. Но кога гледате, на пример, дека играчот не ве гледа, тоа значи дека најверојатно нема да ја смени навиката. Тогаш може да одите во прав смер порано на време. Може да згрешите, не е тоа егзактна наука. Но ако добро погодите, имате многу поголеми шанси“, раскажува голманот на Шпанија која во вторник од 21 игра против Франција во полуфинале на Еуро2024. 

8 јули 2024 - 15:15