Ако ја ѕирнете анализата на италијанскиот портал tuttomercato за мечот Џенова – Удинезе, не може да не се гордеете. Прочитајте, кој како одиграл и каква оценка добил. Ќејфои.
Нови играчи постојано доаѓаат, генерации постојано се менуваат, ама Горан Пандев останува бесмртен. Токму македонскиот репрезентативец е прогласен за играч број 1 на Џенова која за жал загуби од Удинезе 1:3.
Во описот на Пандев кој добил највисока оценка 7, стои вака:
„Голот за водство е мајсторија. Не за шутот, туку поради акцијата која ја направи со Куаме, со дупли пас во шеснаесетникот. Што се однесува до остатокот, остава впечаток дека секогаш може да биде опасен. Добар е физички, се гледа тоа“.
Откако неговиот соиграч од Интер, Тијаго Мота со кој заедно ја освоија тројната круна, му стана тренер, Пандев доби поголема минутажа. Колку ја користи? Три натпревари – два гола.
И покрај тоа што ја игра последната сезона во кариерата и има полни 36 години, кај Пандев се гледа и желба и подготвеност за надигрување.
Вреди да се видат повторно и првиот и вториот негов гол сезонава. Само напред мајсторе, без разлика што ти се ближи крајот на играчки план.