Уште од самиот старт македонските фудбалери воспоставија контрола над мечот, имаа посед и прашање на време беше кога ќе го пробијат бедемот на Лихтенштајн.
Селекторот Благоја Милевски тргна со Милан Ристовски и Дарко Чурлинов во шпицот на нападот, во средниот ред чувари на нашиот посед беа Аријан Адеми и Стефан Спировски.
На „Рајнпарк Арена“ Милан Ристовски и Елиф Елмас ги имаа првите прилики но шутираа крај голот.
Во 17' минута ја затресовме мрежата но радоста траеше кратко зошто Трајковски бил во офсајд по додавањето на ѕвездата на Наполи.
Притискаа нашите фудбалери и го скршија мразот во 39' минута. Додека на офанзивците не им одеше, Дарко Велковски го отвори резултатот откако најдобро се снајде по еден карамбол во шеснаесетникот на Лихтенштајн.
Имавме уште неколку прилики до крајот на првиот дел но не ги искористивме и на пауза Македонија имаше еден гол предност.
Во вторите 45 минути тргнавме во нов притисок, а шанса набрзо доби дебитантот Бојан Миовски кој во шпицот го замени Милан Ристовски.
Адеми во 66' минута тргна во соло продор и таман да додаде до Алиоски, го фаулираа па судиите на ВАР гледаа и потврдија пенал за Македонија.
Егзекутор беше Езџан Алиоски кој зголеми на 0:2. Тоа беше најава и за третиот гол во мрежата на домаќинот. Бобан Николов го постигна можеби најубавиот гол на мечот кога сам тргна во соло продор и погоди за 0:3.
Во дресот на Македонија дебитираше и Ердал Ракип кој во 76' минута доби шанса место Стефан Ристовски. Фудбалерот на Малме го запиша првиот настап и одигра солидна партија.
До крајот во 83' минута Дарко Чурлинов ги постави конечните 0:4 за три бода на нашата селекција.
Во следното коло од група Ј Македонија во понеделник во Скопје ја пречекува Германија. Романија ќе игра со Ерменија а Лихтенштајн оди на Исланд. Во моментов, после 7 одиграни кола, Германија е прва со 18 бода. Македонија е втора со 12 колку што има и Ерменија но ние имаме подобра гол разлика. Трета е Романија со 10 бода, Исланд има само 5 а Лихтенштајн е убедливо последен со 1 бод.
Што ја чека Македонија до крајот од патот за Светско првенство?