Легендите Бобан и Савичевиќ минале тешки денови заедно во борбата да фатат место во прв тим во Милан покрај големи имиња, а заедно ги лечеле и раните од војната кога се распадна Југославија. Хрватската легенда кој сега работи како аналитичар на Скај Спорт Италија, има многу сеќавања за славниот Дејо за кој вели дека и во кал играл танго на терен.
„Дејан го запознав на мечот Динамо – Будуќност во средина на 80-те. Максимир беше полн, имаше 40.000 публика, а мечот беше тврд и тежок со малку фудбал. Победивме 1:0 со центаршутот на Марко Млинариќ кој ја нафрли топката на мојата незрела глава. На тој натпревар ми се поклонија фудбалски генијалци и големи пријатели. Кога судијата свирна крај, Црногорецот дојде до мене и ми рече: „Браво мали, те погоди топката“. Тоа го направи со насмевка и иронија, бидејќи иронијата и Дејан беа во голема љубов, а на некој начин и јас за него бев ироничен“.
„Од тогаш до следната средба не се сеќавам многу. Потоа ми текнува дека се сретнавме во војска, а Савичевиќ беше сè, само не војник. Носеше откопчана сина блуза извлечена од панталони, капа, чепкалка во уста.... Се спријателивме и се дружевме, се почитувавме и делевме сè и пари кои ги немавме и ноќи. Имаше еден луд мајор кој го мачеше, но и тој него. Униформата многу ја мрзеше, а богами и тренерите не ги сакаше. Но многу ја сакаше топката, ја сакаше на многу поразличен начин од сè друго. Дејан беше обичен човек и пријател до крај и фраер до крај. Додека сите се преправавме во нешто што не сме излудени во младоста, Дејо беше таков каков што беше, природен, со шарм и харизма“.
„Во тоа време Господ на фудбалска Југа беше Драган Стојковиќ Пикси. Комплетен и харизматичен фудбалер. Капитен на Црвена Звезда и апсолутно најголема ѕвезда и лидер. Но Дејан беше нешто спротивно на него и за мене Дејо беше ликот. Сè што правеше Пикси беше нормално без разлика колку беше голем како играч. Но тоа што го можеше Дејо никој не го можеше. Некој го сакаше Горан Бреговиќ, а друг Бранимир Штулиќ, ете таква споредба би направил. Ако некогаш постоеше фудбалер кој е роден и така останал, тогаш тоа е големиот Црногорец. Како да немаше допирна точка со фудбалските школи и како да не можеа да го дефинираат. Имаше основна техника, чиста игра, фудбалско образование може да се забележи кај сите фудбалери, но не и кај Дејо. Кога треба да одигра повратна топка тоа му беше мака господова, но да ја смири топката со петицата од послабата десна нога и на грб да има чувар тоа му беше полесно“,
Животот повторно ги спои во Милано кога летото 1992 година Милан го купи Савичевиќ откако го гледаа како ги излудува Англичаните на дуелот меѓу Звезда и Манчестер Јунајтед.
„Дејан тешко се носеше со новата реалност. Сè што не знаеше требаше да трпи и да прифати. Се чувствуваше како ѕвер во кафез, додека истовремено историјата ни ја наплаќаше омразата од војната. Сè наеднаш и сè наопаку. Со години го браневме нашето пријателство од погрешни зборови и лоши мисли. Верувам дека не било потребно, но би било болно да си ги свртиме главите. И така нашата фудбалска приказна течеше во несакан ритам, бавно у мачно“
„Игравме во Купот на Италија, а првиот избор на Капело беа Руд Гулит, Марко ван Бастен, Жан Пјер Папен и Франк Рајкард. Ние балканците некогаш главни, а тогаш споредни ликови, бевме втора постава. Тој не беше задоволен и секогаш ми велеше: „ Е мој Бобане, овие појма немаат, а ние...Каде сме ние? Еден ден влезе во соблекувална и седна без да се поздрави. Го прашав што му е, а тој ми рече да не прашувам. Кога се појавивме на тренинг почна сам да прави некои кругови. Капело ме праша што е работата, а јас му реков дека не знам и дека веројатно има некаква повреда. Капело го викна, но тој си продолжи сам да трча, а единствениот збор на италијански кој го знаеше беше чао. Потоа ми рече да му преведам на Капело дека е магаре, дека ништо не разбира и да не му наредува што да прави. Морав да го лажам во преводот, но Капело ми свика и ми рече да не лажам. Лудница беше“.
„По циркузот во Миланело изјави дека не е куче на Берлускони и дека сака да игра, а не да гледа. Во сите тие борби несвесно му се случуваше прилагодувањето. Гордоста и инаетот не му го прифаќаа поразот и почна вториот живот за фудбалскиот гениј. Целосен и подобар. Со десетка заврши како лево крило, стана поодговорен и стана посилен во тркот. Ја прифати и ја засака Италија, како и тоа италијанското дека победува екипата, а не поединецот. По две тешки години, стигнаа две брилијантни години. По лобот против Барселона во финалето од ЛШ 1994-та остана во аналите на големиот клуб во светскиот фудбал“.