
На крајот од регуларните 90 минути, Газиантеп водел со два гола предност, а во продолжението по прегледување ВАР, судијата исклучил со црвен картон и еден фудбалер на Касимпаша. И требало да се доигра уште поради тие ситни прекини, ама Халис решил да дувне во свирчето во 95’ минута.
И никој не се бунел. Резултатот веќе бил јасен, екипите се поздравиле, размениле по некој дрес и тргнале кон соблекувалните. Ама после 20 минути судијата сфатил дека утнал работа па ги викнал двата тима назад на терен да доиграат минути од продолжението.
Веќе и ВАР системот бил исклучен, една статива од едниот гол веќе била демонтирана, а некои играчи се вратиле на терен директно од под туш.
Екипите доиграле уште четири минути и нешто секунди по што бил свирнат конечен крај и ги пратиле во соблекувална пак.
Се испоставило дека дошло до недоразбирање меѓу главниот судија Озкахја и четвртиот судија. После неколку дена Халис ја објаснил ситуацијата и кажал дека тој додал 5 минути а резервниот судија покажал 9.
„Никој не ме натера да доиграм. Јас додадов пет минути и можев да кажам дека грешката е во четвртиот судија, но тоа не е во мојот карактер. Мечот можеше да се преигра пак, па затоа ги викнав двете екипи да си доиграат. Фала им, ни помогнаа што се вратија на терен. И после мечот рекоа дека на секој му се случуваат грешки“, рекол судијата.
Но интересно екипите не го доиграле ни тоа време кое првично го дал Озакхја. Он свирнал крај кога на часовникот стоело 94:15.
А вакво нешто не му се случило првпат. Голема грешка направил и на мечот меѓу Истанбул Башакшехир и Османлиспор во 2017-та година кога дал продолжение од 4 минути но екипите одиграле само три. Тогаш Истанбул водел со 1:0 и гостите имале теоретски шанси да го сменат исходот на мечот.
Но сега веќе е јасно. Такво нешто веќе нема да му се случи. После мечот судијата Халис Озакхја објавил крај на кариерата.
„Фудбалот стана многу валкан и ми додеа да слушам навреди. Прекинав да си ја сакам работата иако од почеток ми беше голема страст. Не сакам веќе да останам во овој хаос. Секаде се се менува, а во принцип ништо никаде не се сменило. Системот треба да се менува. Затоа решив да си одам“, изјавил Халис.