Нашата фудбалска икона има кусо интервју за Газета дело Спорт каде во залезот на кариерата отворено зборува за неговите последни желби како активен играч.
Ја игра четвртата сезона за Џенова каде не е стандарден првотимец, но не е ниту скроз игнориран. По 24 изминати кола во Серија А има 11 настапи и 2 гола. Но колку и да доаѓаат млади кои го потиснуваат, на Гочето сè уште му се игра и му се победува.
„Секој ден имам желба за победи и на натпреварите кои ги играме за време на тренинзите и на натпреварите со Јувентус и покрај тоа што знам дека се најсилни. Бидејќи ако не е така, тогаш подобро да прекинам со фудбал“, вели Пандев.
Пред да ја заврши кариерата, капитенот на македонската фудбалска репрезентација има три желби кои силно посакува да му се остварат.
- Првата е Џенова да се спаси од испаѓање за што шансите се големи со оглед на тоа што се 13-ти на табела со 10 бода зад опасната зона.
- Втората е да игра уште една сезона. Ако е можно во Џенова, ако не, се надева дека ќе пронајде нов клуб кој би го барал на лето.
- Третата е да го совлада Косово во плејофот од Лига на нации кој се игра на пролет следната година и потоа Македонија да се пласирала на ЕП преку финалето.
Покрај овие желби на Горан Пандев, Газета пишува и за неговата можност по завршувањето на кариерата да стане претседател на ФФМ. Муабет кој се отвори кај нас и за што доби поддршка од репрезентативните колеги.