Тричковски и Тасевски стрелаа во Лига Европа

Успешно коло за дел од македонските интернационалци во Лига Европа. Иван Тричковски и Дарко Тасевски се запишаа во листата на стрелци за своите тимови, а Горан Пандев забележа победа со Наполи.

Иван Тричковски го „начна" Њукасл со гол во 19-та минута, а потоа неговиот тим зголеми и на 2:0, но сепак не успеа да го задржи водството и Англичаните до полувремето веќе израмнија на 2:2 што беше и конечен резултат на натпреварот. Ова е прв гол за Тричковски во дресот на Клуб Бриж на официјален натпревар.

Стрелец ова коло беше и Дарко Тасевски. Тој го постигна првиот гол за израелскиот клуб Кирјат Шмона против Спарта Прага уште во третата минута. Натпреварот заврши со резултатот 1:1.

Горан Пандев влезе во игра во 72-та минута кога Наполи имаше водство од 2:1 против Дњипро, а до крајот неговиот тим победи со 4:2. Стрелец на сите четири голови за Наполи беше Единсон Кавани.

Игор Митрески, Александар Лазевски и Агим Ибраими претрпеа порази. Нефчи на Митревски загуби од Рубин Казан со 0:1, Лазевски со Партизан претрпеа пораз на домашен терен од Интер со 0:3, а Ибраими со Марибор загуби на гостувањето кај Тотенхем со 3:1.

Даниел Георгиевски не настапи за Стеауа на гостувањето кај Молде, а неговиот тим победи со 1:2.

8 ноември 2012 - 23:39