Тренерски титули - Made in Italy

Римјанинот Клаудио Раниери, новиот газда на Премиер лигата со Лестер е последниот во серијата италијански стратези кои освоиле првенство надвор од својата земја, од Англија до Кина, далеку од Серија А.

Клаудио Раниери
За тренерот од Рим, еден од првите италијански стручњаци кои ја бараа среќата во странство при крајот на ’90-те години, подвигот со Лестер е историски успех, затоа што од Серија А, Премиер лига и Ла Лига досега дома однел само Куп на Шпанија со Валенсија. До вчера кога го направи најголемото изненадување во светски рамки.
 
Успехот е историски и од причина што е прв за Лисиците од Лестер и стигна благодарение на една група предводена од анонимните капитенот Морган, Варди, Канте и Махрез. Лани за малку ќе испаднеа од лигата.

Марчело Липи

Последен италијански легендарен тренер кој пред Раниери успеа да освои титула надвор од границите на Италија е поранешниот светски првак со оваа земја од 2006. година. Марчело Липи, тренерот од Тоскана од 2012 до 2014 освои три титули со кинескиот Гвангжу Евергранде. Марчело Липи стана и клупски првак на Азија со Гвангжу во 2013. година, а помош имаше и од двајцата сонародници, Алесандро Диаманти и Алберто Џилардино.

Карло Анчелоти

Во годината кога Липи ја освои втората титула во Кина, 2013-та, и Карлето се врати дома со титула од Лига 1. Идниот тренер на Баерн Минхен стана шампион на Франција со ПСЖ од втор обид, откако заврши втор зад Монпеље во првата негова сезона во Париз. Шампионската генерација на Бекам и Ибрахимовиќ кои доминираа во Лига 1 ја освои титулата на 12. мај 2013 по триумфот над Лион со голот на Жереми Менез.

За Анчелоти, титулата во Франција не беше прва во странство. Во 2010. година, како дебитант во Англија стана шампион во Премиер лигата со Челси. Анчелоти ги предводеше Сините и до пехар во ФА Купот истата сезона. Во 2009/2010, Челси ја осигура титулата со само еден бод предност во однос на Манчестер Јунајтед. Таа сезона, Дидие Дрогба постигна 29 голови и стана прв стрелец на лигата.

Лучано Спалети

Во 2009. година, актуелниот тренер на Рома реши да седне на клупата на Зенит Санкт Петерсбург. Во 2010-та, откако го освои Купот на Русија, ја освои набрзо и титулата пред најголемиот ривал ЦСКА Москва. Навивачите во Русија го засакаа Спалети кој титулата ја прослави соблечен на ниски температури далеку под нулата. Спалети го повтори успехот во Русија во 2012 година со 13 бодови предност во однос на Спартак Москва.

Роберто Манчини

Во истиот ден кога Спалети го заврши првенството прв на табелата, Роберто ја освои една од најневеројатните титули во историјата на Манчестер Сити, кој стигна до пехарот во Премиер после цели 44 години!

Граѓаните на Манчини во 90' минута губеа 1-2 од ВБА дома и титулата веќе беше во рацете на Јунајтед. За само три минути, Џеко израмни а Агуеро со гол за 3:2 донесе ерупција на Етихад кој ја прослави титулата.

Фабио Капело

Дон Фабио, за последно селектор на Русија а сега стручен коментатор на Фокс Спорт е единствен тренер меѓу Италијанците кој освоил две титули со ист клуб во различен период. Последната Лига, Дон Фабио ја освои во 2007. година со Роберто Карлос, Канаваро, Сисињо и Касано во екипата. Капело тогаш ја освои титулата со Реал Мадрид во последното коло и тоа само благодарение на подобриот меѓусебен дуел со Барселона на Франк Рајкард која беше втора.

Капело со Реал Мадрид првата титула ја освои во 1996/97, кога во екипата играше и човекот кој Капело секаде го водеше со себе, Кристијан Панучи. Капело тогаш стана и првиот Италијанец кој ја освоил Ла Лига, но за славниот пехар мораше да чека до последното коло во кога и математички ја обезбеди титулата пред Атлетико Мадрид.

Џовани Трапатони

Во 1997. година во која Капело беше шампион на Шпанија, тренерот од Кузано Миланино го освои германското првенство и тоа во првата сезона. Трап го крена „Мајстерскале" како тренер на екипата во која играа Шол, Баслер и Оливер Кан. Овој триумф во Германија му ја отвори вратата на Трапатони за успесите во странство. Во 2005. година по искуството селектор на Италија, реши да ја води Бенфика со која го освои првенството на Португалија. Тоа беше прва титула за Бенфика по пауза од 10 години зад Спортинг и Порто. Трапатони ја освои титулата со Бенфика благодарение на ремито во последното коло против ривалот Боавишта.

Со титулите во Германија и Португалија, Трапатони го освои и првенството на Австрија со Салцбург во сезоната 2006/2007.

Покрај овие легендарни тренери, титули освојува и италијанските стратези: Валтер Ѕенга во Романија со Стеауа и во Србија со Црвена Звезда. Алберто Бигон со Сион во Швајцарија, Невио Скала со Шахтјор, Бепе Досена со Ал-Итихад, Мауро Бенчивенга со Тирана, Андреа Мандорлини со Клуж, Салваторе Нобиле со Африка Спортс и Марко Матерарци со Ченаин во Индија.