Тренерската промена во Барселона се случи пред четири и пол месеци. Си замина подзагубениот Куман, а на 6 ноември со работа почна Чави. Резултатите се видливи. Легендата на Барса во улога на тренер има скор од 14 победи, 7 нерешени и 4 порази.
Резултати со кои каталонците избегаа од средина на табелата, каде не ги личи и сега се трети со ист број на бодови со четвриот Атлетико, но со натпревар помалку. Тоа значи дека ако го добијат тој натпревар ќе и се доближат само 2 бода на второпласираната Севиља.
Кој би рекол, со оглед на тоа што овој клуб го загуби компасот. Со сиот памет не успеаа да најдат начин да го задржат Меси, а потоа со ослабен тим и уништена атмосфера тонеа резултатски во првите два месеци од сезоната.
Но оваа екипа ги врати насмевките на навивачите. Се врати во топ 4 и ита напред во Лига Европа каде по синоќешното жешко гостување во Турција против Галатасарај, обезбеди четвртфинале во кое ќе се сретне со Ајнтрахт Франкфурт.
Во последните месец и половина, момците на Чави не само што победуваат, туку тоа го прават ефикасно и тоа против тешки противници како Атлетико Мадрид 4:2, Валенсија 1:4, Наполи 2:4, Атлетик Билбао 4:0, Осасуна 4:0.
Новите играчи кои пристигнаа во зимскиот преоден рок за сега се покажуваат како одлични засилувања, а за тоа е доволно да им ја видите статистиката.
Пјер Емерик Обамејанг: 10 настапи, 7 гола, 2 асистенции
Феран Торес: 13 настапи, 5 гола, 4 асистенции
Адама Траоре: 9 настапи, 4 асистенции
Дани Алвеш: 8 настапи, 1 гол и 3 асистенции
Во недела со почеток од 21 часот го имаат испитот на сезоната, а тоа е Ел Класико на гости.