Торонто го нашол Инсиње на интернет, барале играчи пред истек на договор

Во досегашниот тек од зимскиот преоден рок најголемо изненадување и најбомбастичен договор е меѓу европскиот шампион Лоренцо Инсиње и клубот Торонто кој игра во американската МЛС. Тифозите на Наполи жалат што нивниот капитен на лето ќе си оди од клубот, но останатите ја правдаат неговата одлука со енормно богатиот договор кој ќе го добие.

Германскиот реномиран сајт Transfermarkt.de е водечки кога се во прашање статистички и разни други податоци на многу фудбалери ширум светот. Овој сајт покрива редовни и свежи информации за илјадници играчи, клубови, стручни штабови.

Затоа не чуди кога некој клуб во потрага по засилувања решава да куцне на тастатура и да скокне до овој германски сајт.

Така се случил и судбоносниот договор на Лоренцо Инсиње (30), капитенот и права легенда на Наполи кој на крајот од сезоната се сели во Торонто.

Во позадина на трансферот е една од најинтересните сцени во историјата на северно-американскиот фудбал. Ја раскажа Бил Манинг, претседател на клубот Торонто од Канада.

Без срам, Манинг искрено вели:

„Минатото лето отидов на сајтот Трансфермаркт и ја разгледував страната на италијанската репрезентација која штотуку го освои Европското првенство, за да видам на кои играчи скоро им истекува договорот. И Лоренцо беше еден од малкумината играчи пред истек на договор“, вели шефот на Торонто ФЦ и продолжува:

„Почнав да ги штиклирам играчите за кои мислев дека се на светско ниво и кои мислам дека би имале вредност на овој пазар. Лоренцо Инсиње беше прво име на таа листа. Ќе биде играч кој народот ќе сака да дојде да го гледа“, вели Манинг.

11 ипол милиони долари по сезона за четири години со плус опција за уште една година и плус бонуси за остварени резултати, голови и асистенции (би можел годишно да зема до 15 милиони долари) е астрономскиот договор кој на залезот на кариерата Лоренцо Инсиње, легендата на Наполи го доби од канадскиот клуб Торонто. Без многу размислување ја прифатил понудата.

Некои медиуми, меѓу кои и The Ahletic пренесоа дека Инсиње ќе заработува 15 милиони по сезона, но канадски долари, така што ако се земат предвид разни даноци, тој би добивал 8-8,5 милиони американски долари или во превод 7-7,5 милиони евра по сезона што секако е далеку подобро од договорот кој го имаше со Наполи (3,5 милиони евра годишно).

ШТО ЗНАЧИ ПРАВИЛОТО “DESIGNATED PLAYER”?

Лоренцо Инсиње, симболот на Наполи, ќе ѝ се приклучи на новата екипа од јуни и тоа благодарение на правилото “Designated Player Rule”. Ова правило беше воведено пред неколку години кога Дејвид Бекам отиде да игра во САД и им овомозжува на клубовите да доведат тројца играчи надвор од нивниот тн. селари кап (плафон за плати и договори).

МЛС лигата стартува на 26 февруари и треба да трае до 9 октомври. Финалето на МЛС Купот е закажано за 5 ноември, на 16 дена пред стартот на Светското првенство 2022.

11 јануари 2022 - 11:25