Со одлични настапи секогаш кога влегуваше во игра, Томаш Холеш го истисна од првиот тим Алекс Крал. Во 1/8 финалето против „лалињата“ снажниот универзалец изврши голем пресинг врз Џорџињо Вејналдум кого за разлика од мечот со Македонија, овојпат го немаше никаде.
Холеш го постигна првиот гол и му намести гол на шпицот Патрик Шик за 2:0.
Томаш во април 2021 година го започна дуелот со Арсенал во дресот на својата Славија Прага и во 90-та минута постигна гол за конечни 1:1. Интересно 28-годишниот фудбалер првпат во кариерата тогаш играше во шпицот на нападот.
„Ќе го памтам тоа до крајот од животот. Радоста беше огромна, просто еуфорична“, изјавил Томаш по дуелот со „топџиите“ во Лига Европа.
Среќен бил и тој но и неговото семејство.
Во влезот од зградата каде живеат неговите утредента се појавил лист со натпис: „Им се извинувам на сите соседи за големата врева синоќа околу 23:00. Ќе ми простите, помладиот брат постигна гол против Арсенал во четвртфинале на Лига Европа во 90-та минута за 1:1. Уште еднаш, извинете од семејство Холејшови“.
Натписот се проширил по чешкиот интернет а постариот брат на Томаш, Јиржи бил хит во тамошните медиуми.
ЈИРЖИ НЕ ПРОДОЛЖИЛ СО ФУДБАЛ ПОРАДИ ПОВРЕДИ НА КОЛЕНАТА
Томаш Голеш, репрезентативецот на Чешка кој ја урна Холандија на Евро2020 е роден во селото Боровнице во Ждрјаски гори каде има помалку од 200 мештани.
Татко му Едвард еднаш раскажал за син му: „Штета криво ми е што дедо му, татко ми не ги доживеа нашите чувства на радост. Му беше прав навивач“, вели Голеш-постариот. Интересно тој е своевиден старешина во селото.
Братот на Томаш, Јиржи живее во Храдец Кралове а таму живеат уште двајца нивни браќа кои се занимавале со фудбал. Живееле во интернат едно време но Јиржи и помладиот брат на Томаш, Роман, не продолжиле да тренираат фудбал поради проблеми со колената.
Татко им сметал дека тоа им е наследно во семејството да имаат мака со колената.
ГОЛЕШ ВО СЛАВИЈА СМЕНИЛ 5 ПОЗИЦИИ ЗА 2 ГОДИНИ
Во 2019-та година богатата Славија Прага го купила Томаш Голеш, а трансферот станал рекорден во чешкото првенство (околу пола милион евра).
Јиндриж Трпишовски за Голеш рекол дека е еден од најдобрите играчи кои некогаш играле во Чешка.
Тренерот на Славија го пробал на многу позиции и набрзо Голеш станал еден од клучните играчи.
Во тимот од Прага дошол како десен бек ама набрзо го трансформирале во универзалец кој за две години играл како: лев бек, десен бек, централен играч на средина на терен, десно крило и напаѓач. Тој се чувстува како играч од среден ред и така игра на Европското. Против Холандија имаше гол и асистенција и е најзаслужен за првото изненадување на ЕВРО2020.