За големите клубови кои се борат за висок пласман и излез во Европа трансфер периодот за фудбалери секогаш претставува повод за што поголемо засилување од своите конкуренти, но некој во тој случај треба и да профитира, а тоа најдобро го прави тимот од стадионот „Фриули“.
Удинезе веќе со години наназад купува млади и талентирани играчи за малку пари, кои потоа се калат во Серија А, стануваат потенцијални ѕвезди и на крајот од нив вади голем профит. Најголем доказ за тоа се табелите на кои се прикажани познати фудбалски имиња кои сите завршиле во некој голем клуб.
Најтазе е случајот со дефанзивецот од Мароко, Бенатиа кој во 2010 година го купија за 0 евра од францускиот второлигаш Клермонт, а лани и го продадоа на Рома за 13,5 милиони евра. Најголемиот чист профит го остварија од продажбата на бразилскиот напаѓач Марсио Аморозо кој исто така го земаа за без пари од екипата на Фламенго, а во 1999 година премина во Парма и од него извадија 28 милиони евра.
Дел од останатите фудбалери кои потпишуваа за Удинезе без обештетување се Кваљарела, Хандановиќ, Пизаро, Јаквинта и Мунтари од кои потоа остварија голем профит и успеаа да ги продадат во големи клубови и тоа сите за двоцифрен број на милиони евра.
Оваа трансфер политика на остварување профит се должи на долгогодишниот претседател Џанпаоло Поцо кој го води клубот од 1986 година и кој неодамна купи уште два странски клуба, шпанскиот прволигаш Гранада во 2009 година и англискиот второлигаш Ватфорд пред две години.
Во изминативе пет сезони тој постојано играше на картата повеќе да заработи отколку да потроши за играчи. па така стигнуваше и до голем профит во трансфер периодите. Најуспешна сезона на ова поле клубот имаше во 2011/2012 кога продаде играчи за сума од 70 милиони евра, а потроши само 21 милион.
Една сезона претходно 42% од вкупната заработувачка на Удинезе била од продажбата на играчи, а доколку не се случел трансферот на Марио Балотели од Интер во Манчестер Сити, за таа година клубот ќе беше на челната позиција по остварување профит.
Но искусниот газда Поцо истовремено со работењето на овој профитабилен фудбалски бизнис, мисли и на добро претставување на неговиот клуб во Серија А. Тој одлично ги комбинира економските и спортските резултати. Удинезе во последните три сезони заврши на четвртата, третата па петтата позиција кои му носеа пласман и на меѓународна сцена.
Единствената ѕвезда од која Удинезе реши да не профитира е ветеранот Антонио Ди Натале кој е најзаслужен за успесите на клубот во изминативе четири сезони во кои постигна 112 голови. Удинезе го има најмладиот состав во Серија А со просечна возраст на стартниот состав од 22,9 играчи.
Најголемата перспектива тренерот Гвидолин ја гледа во младите таленти Луис Муриел (1991), Роберто Переира (1991), Емануел Баду (1990), Алан (1991) и Николаз Лопез (1993), но ако клубот продолжи со стариот модел тие може да бидат следните имиња за остварување профит.