Тенискиот резултат меѓу Тотенхем и Ливерпул со 9 гола

Во големото дерби од 17. коло во англиската Премиер лига Ливерпул ја прекина серијата од два меча без победа и го совлада Тотенхем на гости со тениски резултат 3:6.

Тотенхем на последните две средби со Ливерпул прима дури 9 гола (гол разлика 4:9).

Синоќа Колумбиецот Луис Дијаз прв го начна ривалот со гол во 23' минута на асистенција на Александар Арнолд. Веќе во 36-та минута беше 0-2, па во 41-ва минута домаќините преку Медисон намалија на 1-2 но пред крајот на првиот дел Собослаи зголеми на 1-3.

Во вториот дел Мохамед Салах со два гола во растојание од седум минути од 54-та до 61-ва минута на семафорот испиша 1-5.

Дејан Кулушевски а потоа и Соланке повторно некако го вратија Тотенхем на „само“ два гола разлика но Луис Дијаз со втор гол ја запечати победата на Ливерпул.

Ливерпул сега пред Новата година го очекува домашен дуел со Лестер на 26 декември а Тотенхем истиот ден ќе гостува кај Нотингем Форест.

Ливерпул го искористи и ремито на Челси против Евертон па на табелата сега има +4 во однос на сините кои се второ место и +6 во однос на Арсенал кој е трет. Црвените притоа имаат и натпревар помалку.

23 декември 2024 - 08:31