Таков црвен картон уште не се видел во Премиер, сите се чудеа што се случило

Арсенал го преброди тешкото гостување кај Вулверхемптон, славеше со 0:1 и освои три златни бода во трката за Лига на шампиони. Ама една јака судиска процена и чудна епизода се зборува на големо.

Необично но вистинито е дека Арсенал во 2022 година во сите натпреварувања има повеќе црвени картони отколку дадени голови: 4 исклучувања и само 2 постигнати гола што звучи како научна фантастика.

Серијата црвени картони ја направија Габриел против Ман. Сити, Џака и Парти на два меча со Ливерпул и во четвртокот 20-годишниот Габриел Мартинели кој сезонава игра одлично, ама направи голема глупост синоќа.

Во 69’ минута Бразилецот во еден дуел го закачи по лице Даниел Поденс, но главниот судија Мајкл Оливер покажа предност зошто Вулверхемптон тргна во силовит напад. И во истиот напад после само пет секунди грубо го турна и фаулираше португалскиот бек Шикињо од Вулверхемптон.

Судијата дојде му покажа со прст на местото каде го направил првиот фаул и вториот фаул, па извади жолт картон кој го покажа два пати за автоматски црвен и исклучување.

„Такво исклучување никогаш не сум видел. 18 години сум во оваа земја и никогаш не сум видел нешто слично“, изјави меѓудругото тренерот на Арсенал Микел Артета. 

Интересно, во 2015-та година имало слична ситуација. На мечот меѓу репрезентациите на Северна Ирска и Унгарија, Крис Бејрд во квалификациите за Европско 2016 во 81’ минута за само неколку секунди направил два фаули за два жолти картони.

Турскиот судија Џунеит Чакир пуштил предност после првиот прекршок, а на вториот груб фаул му дал два жолти и црвен картон.

Тогашниот селектор на Северноирците Мајкл О’Нил рекол за Чакир:

„Никогаш не сум видел играч два пати да биде опоменат со жолт картон во еден напад. Тоа е нешто ново за мене. Му кажав на судијата дека не се согласувам со одлуката. Крис не би направил втор жесток фаул ако знаел дека за првиот веќе го чека жолт. Чудна ситуација. Никогаш не сум сретнал такво нешто“.

За одличното чувство за игра, Чакир тогаш доби признанија и одликувања од ФИФА и УЕФА. 

Во студиото на BT Sport после мечот како стручен коментатор зборуваше и Рио Фердинанд кој на прашањето „што мислиш за ситуацијата со црвениот“? вели:

„Што друго да кажам, сака човекот (судијата Мајкл Оливер) утре да го има во весници“. После него се огласи и поранешниот судија Питер Волтон како консултант за судење и го одбрани својот колега: „Се е сосема во ред, првиот фаул е чист жолт, а вториот исто е заслуужен зошто Мартинели прекинува напад за потенцијална шанса“.

На тоа се уфрли Рио кој рече: „Па не е во продор Марадона, па да кажеме дека нападот бил потенцијална шанса“.

11 февруари 2022 - 10:10