Бернардо Лауреиро е Уругваец кој настапува во Никарагва, најголемата држава во Средна Америка која се граничи со Хондурас и Костарика.
Таму се игра фудбалско првенство, едно од оние кои се бројат на рака што уште му пркосат на вирусот. На фотографијата е неговиот тим Диријанжен кои одлучија да играат со маски, сите освен голманот кој држи поголема дистанца.
Никој со никого не е гушнат, а некои пак носат и ракавици.
Ван Ранст, кој важи за еден од најпознатите виролози во Белгија, предложи играчите да носат маски за да продолжат со фудбал. Арно ама предлогот му е, како да ви кажеме. Односно Бернардо ќе ви каже, бидејќи знае како е.
„Тоа е неизводлив предлог и апсолутно нелогичен, бидејќи да играш со “забетонирана“ уста е неиздржливо, вистински кошмар. Прво тоа го сторивме во знак на протест, но не се издржуваше. Јас издржав 15 минути, но потоа морав да ја тргнам за да не се задушам.
Чувствувате дека имате недостиг на кислород и температурата станува неподнослива. Недостасува потребната размена на воздух и имате чувство дека белите дробови веќе не се во можност да соберат кислород.
Ја разбирам потребата од проучување на мерки што го штитат здравјето на играчите, но незамисливо е да се игра со затворена уста.
Не може да се размислува на мерки кои би ги ограничиле перформансите на играчите. Фудбалот е спорт со контакт. Не можам да разберам како може некој да мисли дека ризикот се елиминира со една едноставна маска.
Потта е уште еден елемент што треба да се разгледа и секако не може да се избегне. Вистината е дека размислувањето за играње во целосна безбедност е само утопија, вели уругвајскиот фудбалер кој даде доста логично објаснување за неговото необично и макотрпно искуство.