Судискиот криминал во трета лига ни е појак од Зимбабве

„Ние Македонците сами си се крадеме. Реагирав кон судијата, дали има очи да види што се случи, а тој ми вели `молчи, оти ќе те истерам`. Мене да ме истера, оти тој не досуди офсајд од четири метри. Косата си ја откорнав од нервози“.

Тој што ја следи македонската фудбалска репрезентација, не може да не го памети Илчо Наумоски. Забележа 46 настапи и постигна 9 гола. Му го паметиме оној против Шкотска за конечни 1:0, а и против Хрватска во калта кога погоди и Мазнов за голем триумф од 2:0.

Прилепскиот напаѓач направи кариера во Австрија, а играше и во Турција и Азербејџан. Кариерата ја заврши во Вардар во 2014-та.

Беше темпераментен, а и бајаги искрен, па така на пример во едно интервју призна дека намерно добил црвен картон во австриското првенство, за следно коло да може да патува во Белград за да го бодри Партизан на дербито.

Налетавме на ново негово искрено интервју на Макфудбал или поточно краток опис за тоа како се суди во нашата трета лига.

Наумовски е инаку тренер на Локомотива и вели дека во Зимбабвме нема криминал како во третолигашкиот фудбал во Македонија.

„Инвалид останав играјќи за репрезентацијата на Македонија, а тука доѓаш да бидеш тренер и да работиш, да помогнеш, и те крадат при широко отворени очи. Ваков судиски криминал каков што се случи денеска во Слупчане нема никаде во светот. Како е ова можно во нашава Македонија, зарем цела ја распродадоа? Ќе потенцирам, судијата срамно не украде и ѝ подари победа на Беса. Таму нема ниедно македонско знаме, бате“.

„Поведоа 1-0 , а имаше офсајд позиција од најмалку четири метри. Запишете го, судија Виктор Јовчевски. Ова мора да се знае, да излезе во јавноста. Ние Македонците сами си се крадеме, бате. Реагирав кон судијата, дали има очи да види што се случи, а тој ми вели `молчи, оти ќе те истерам`. Мене да ме истера, оти тој не досуди офсајд од четири метри.

Потоа израмнивме на 1-1, и уште поголема кражба. Досуди пенал за противникот, а нашиот играч беше на два метри, ниту старт, ниту ништо. Косата си ја откорнав од нервози. Тоа не е можно, така да се краде еден натпревар. На крајот, одлучивме да им ги додаваме топките на фудбалерите на Беса, да ни дадат и трет гол. Ете нека победат, ова ли е фудбал? Има ли некој што тоа ќе го санкционира? Јас ќе сведочам, сум играл за македонската репрезентација, ме крадат пред мои очи“, вели Наумовски за Макфудбал.

Виа

На истата тема, чујте го и Христов.

4 јануари 2021 - 13:11