Сторија за таткото на Компани кој стана прв црномурен градоначелник во Белгија

По страшното владеење на Леополд со Конго како белгиска колонија, дојде и денот во една голема белгиска општина Конгоанец да стане градоначалник.

На 15 октомври репрезентацијата на Белгија се спремала за пријателски меч со Холандија, но лидерот на селекцијата, Венсан Компани не бил во базата - добил слободно затоа што татко му Пјер неколку часа претходно станал градоначалник на општината Гансхорен (25.000 жители) во западниот дел на Брисел.

Венсан веднаш по прогласувањето на победата на неговиот татко на локалните избори, заедно со брат му Франсоа (игра во втората белгиска лига) постираше видео на Инстаграм на кое рече: „Историски момент! Горди сме на тебе. Ти си дошол во Белгија во 1975 година и стана првиот црномурен градоначелник во историјата на земјата. Моравме долго да чекаме, но вредеше.“

За Белгија, победата на Пјер Компани е епохална: Конго е поранешна колонија на Белгија а Пјер е првиот мигрант од Конго кој станал градоначалник на општина.

За да се сфати големината на овој изборен подвиг треба да се знае за односите меѓу Белгија и Конго.

БЕЛГИЈА Е ВИНОВНА ЗА ГЕНОЦИД ВО КОНГО

На крајот од ХIX век кралот на Белгија, Леополд направил пекол во оваа африканска земја.

На колонизираната земја и се наметнале многу даноци а колонизаторите дошле да го собираат каучукот (Еластична материја, добиена од млечен сок на различни тропски дрва, што служи како главен продукт за изработка на гума) и слонова коска.

За да бидат сигурни дека месните жители не сокриваат и лажат, Леополд поставил стражари кои имале крволочни методи.

Конго 1899

Оној кој не ги плаќал даноците и не исполнувал норми бил стрелан. Имале недостиг од муниција па често го осакатувале локалното население без употреба на боева муниција. Можеби звучи како легенда, но потврда за ужасите кои ги правеле Белгијците се и многуте фотографии од Конгоанци без раце.

Ништо не поминало без вообичаените методи на колонизаторите: нехумани услови на работа, мачење и злосторства. За неколку години извозот на каучук се зголемил за 40 пати но населението на Конго од макотрпната работа добивало помалку од половина.

За грозотиите во Конго се слушнало во Европа и на почетокот на ХХ век Леополд бил принуден да го продаде Конго на државата Белгија а од 1960-та африканската земја стекнува целосна независност од Белгија.

Демонстрации за независност на Конго - 1960

Но независноста не значела и моментален мир, напротив, отворила нови проблеми. Во Конго почнала жестока борба за власта во која најмногу страдал обичниот народ.

Таткото на Компани, Пјер неколку пати одел на студентски протести од каде бил собран да служи војска (во Конго воениот рок е 6 години), а потоа го фрлиле во затвор каде лежел една година.

Подоцна Пјер Компани уште еднаш бил затворен па во 1975 година решил да избега во Белгија.

Во европската држава Пјер пет години работел како таксист за да може да го плати дошколувањето (во Конго учел за инженер), а во 1983-та година добил белгиско државјанство. До почетокот на ’00-те работел по струка се додека не влегол во политички води и со пријатели не ја основал партијата DRC.

Во ’70-те и ’80-те од Конго во Белгија емигрирале десетина илјади луѓе кои барале спас од крволочниот режим. Меѓу овие илјадници луѓе биле и родителите на уште неколку репрезентативци на Белгија - браќата Лукаку, Дерик Бојата, Миши Батчуаји итн.

Во Белгија во тоа време многу луѓе биле незадоволни од напливот на мигранти од Африка па така Пјер поради бојата на кожата не го пуштале во ноќни клубови, во барови и неколку пати го бркале.

Големи проблеми имале и неговите деца подоцна.

„Во нашата екипа имаше деца со африкански, турски и италијански корени. Кога игравме надвор од Брисел, родителите на нашите противници не навредуваа: на 11-годишни деца им викаа црнчишта и викаа дека ја лажираме возраста за да играме за младинците“, се сеќава Венсан.

Со такви гнасни навреди се соочувал и Ромелу Лукаку, денес најдобриот центарфор на репрезентацијата на Белгија. За време на еден детски турнир еден родител викал за 11-годишниот Лукаку: „Колку години има овој? Каде се родил? Дај покажете извод од книга на родени да видиме.“

Протести во Брисел во поддршка на опозиционите партии - 2011

Лутиот Ромелу го напуштил теренот, истрчал до соблекувалната и му го донел на човекот пасошот во кој пишувало дека е роден во Антверпен. Дури тогаш натпреварот продолжил.

МИГРАНТИТЕ ОД КОНГО ДЕН ДЕНЕС СЕ СЛОЖЕНА ТЕМА ВО БЕЛГИЈА

Денес во Белгија живеат околу 90.000 мигранти од Конго. Тие не се најбројни (повеќе има Италијанци и Шпанци), но односот меѓу Белгијците и Конгоанците е многу сложен.

На кратко: Конгоанците се борат за своите права во разни сфери од општествениот живот - од политика до администрација.

****

На почетокот на септември во Белгија се појавило петминутно видео на кое познатата водителка Селин Џунги зборува за проблемите со кои се соочува како единствената црномурна вработена водителка на белгиска телевизија.

Ова видео има повеќе од 2,1 милиони прегледи а најшокантно звучела приказната за тоа како на Селина и се јавила жена и ја посоветувала да бира помалку темна облека за да не се претопи во бојата на кожата.

По објавата на видеото, каналот RTFB ветил дека ќе го измеша составот на вработени а премиерот на Белгија Чарлс Мишел изјавил дека примерите кои ги слушнал биле одвратен расизам.

Тогаш реагирал и Венсан Компани, капитен на белгиската репрезентација која што ја однесе на неколку европски и светски првенства.

„Во нашата уважена држава има малку мултикултуралност. Тоа се одразува и во отстуство на мешаност во сите сфери на општеството“, рекол капитенот на Сити.

Токму затоа победата на Пјер на изборите одекнала гласно. Многу луѓе зборувале дека политичарот не победил само поради бојата на кожата, и дека причина за победата на Пјер секако не е само тоа што тој не зборувал за проблемите на мигрантите во предизборната кампања.

Во Белгија постои мислење дека победата на Пјер ќе го подобри односот кон мигрантите од Конго. Филип Ламберт, парламент во белгискиот парламент вели дека земјата се менува на подобро.

„Ова е важен настан, зошто Белгија порано неуспешно работеше над интеграцијата на луѓето од разна етничка и расна припадност. Тоа лесно ќе се забележи ако ја споредите на пример Белгија со Велика Британија.“

Венсан Компани кој освои неколку титули во Премиер лигата и Купови со Манчестер Сити, важи за еден од најучените фудбалери на денешницата. 32-годишниот стопер често споменува дека по завршувањето на кариерата би тргнал по стапките на татко му, да ги решава социјалните прашања во Белгија.

26 октомври 2018 - 15:33